Кој ќе ја плати каматата за унгарскиот кредит?

Зошто од буџетот да им се плаќа камата на фирми и со милионски профити? Не држи одбраната дека сето тоа ќе се врати во економијата и во буџетот. По таа логика – ај нека ми ја плати и мене некој каматата! И моите поголеми трошења ќе се вратат во буџетот.

Бурата околу кредитот од Унгарија се крена веднаш штом Христијан Мицкоски стана премиер: од каде е, дали се парите кинески, каква е политичката тежина. Мицкоски на овој квиз одговараше со: да, не, ќе видите, не е од Кина…

Официјалните информации се дека станува збор за 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една трансакција, а рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Сега имаме нов квиз – колкава навистина камата ќе плаќаат компаниите и, уште позначајно – кој ќе ја плати каматата, фирмите или народот. Конечно, колку вкупно камата ќе се плати за овој унгарски кредит?

Теоретски, изгледа едноставно – 250 милиони евра одат за општински проекти, 250 милиони евра за фирми, но со која камата? Недржавнички е да земат парите, а потоа да се договараат деталите. Владата популистички сака во колективната меморија да се вреже ниска каматна стапка од 3,25 проценти по која, реално, сега не би можеле да земеме пари на меѓународниот финансиски пазар.

Во меѓувреме, се нижат изјавите. Напорите се движат во насока каматата кон компаниите да биде иста со онаа со која Македонија го зеде кредитот од приватната унгарска банка. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека каматата е договорена со банките, но останува да се преговара за рокот на отплата, зашто банките имаат политика рокот на отплата да биде од 7 до 10 години, а не 15 години период во кој треба да се враќа кредитот.

Многу работи околу каматата се „загубија во преводот“. Министерката рече дека државата може да ја субвенционира целата камата, или половина… Потоа зборуваше дека банките мора да си наплатат за ризик. Потоа – дека тој ризик се издвои од договорената камата од 3,25 проценти (зарем каматата не е и за ризикот?!). Така, почнаа да се ставаат во игра дополнителни 3,25 отсто, односно каматата под која комерцијалните банки ќе им го даваат кредитот на фирмите да биде до 6,5 проценти. Многумина ќе ви кажат дека под тие услови доброоценетите компании и сега лесно можат да земат кредит, само не на рок од 15 години. Е затоа државата ќе субвенционира, целосно или половина.

Веселата каматна математика покажува дека државата ќе си плати 3,25 проценти камата на повлечените 500 милиони евра од унгарскиот кредит, па ќе субвенционира најмалку 3,25 проценти камата за кредитот што го даваат комерцијалните банки. Зошто од буџетот во кој партиципираат сите граѓани да им се плаќа камата на компаниите? Замислите на некоја фирма што има милионски профит (секако во евра), народот да му ја плаќа каматата. Одбраната на економистите е дека така фирмите ќе инвестираат, ќе се развиваат, ќе може да даваат и поголеми плати и дека на крај сето тоа ќе се врати во економијата и во буџетот. Но, по таа логика – ај нека ми ја плати и мене некој каматата! И моите поголеми трошења ќе се вратат во буџетот.

Друго прашање е висината на каматите што ја кројат банките, а за која во јавноста не сакаат ни да зуцнат. Бадијала новинарите ги прозиваат јавно нешто да кажат. Тие се во својата комфорна зона. Ликвидни, па преликвидни. И згора, ова не се пари од нивниот буџет, туку им се дадени од државата само да ги распределат и да заработат. За волја на вистината, тие треба да вратат во Развојната банка онолку колку што добиле – 250 милиони евра, независно од тоа дали некој нема да го врати земениот кредит. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги повика банките да не претеруваат со каматите, а премиерот Мицкоски ги повика да бидат патриоти, наместо да седнат и со банките да поразговараат пред да се договори кредитот. Настрана проблемот со делењето на парите кога станува збор за општини каде што градоначалниците се од редовите на опозицијата.

На праг е уште еден кредит од Унгарија, повторно во висина од 500 милиони евра. Значи, нови маки. Можеби сега Владата нема да ја потцени интелигенцијата на граѓаните и теренот ќе го подготви однапред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот