Кој ќе го плати бесплатниот јавен превоз во Скопје

ЈСП
Градски автобуси на ЈСП / Фото: Драган Митрески

Автобуси што доцнат или не доаѓаат според возниот ред, се расипуваат, чадат и загадуваат. Јавниот превоз отсекогаш бил проблематичен во Градот Скопје па дури и во моменти кога градските власти во изминатиот период во пиковите на енормното загадување „ги молеа“ граѓаните бесплатно да се возат со автобусите на ЈСП, тие сообраќаа полупразни односно со капацитети како и претходно.

Бесплатниот градски превоз колку примамливо и да звучи, со концептот каков што е сега, нема да привлече нови патници, освен тие што редовно го користат, а редовни автобуски линии и подобра покриеност на населбите ќе придонесе секако да се намалат гужвите во сообраќајот во главниот град како и загадувањето од издувните гасови на автомобилите.

Пандемијата од ковид-19 и стравот од ширење на вирусот придонесе многу постојани корисници на јавен превоз да го избегнуваат и да посегнат по рекреативни алтернативи: велосипеди, тротинети или пеш.

Иако независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска не ја образложи својата идеја за бесплатен јавен превоз, продолжи да фасцинира со констатацијата дека проектот за „бесплатен јавен транспорт“ е успешно реализиран „во над 60 или конкретно 67 држави низ Европа…“, а тие пак се 51 на број.

Каде во Европа превозот е бесплатен

А во Европа факт е дека само граѓаните во Луксембург се возат бесплатно во јавниот превоз. Ова Големо, а сепак мало Војводство, се протега во должина од 90 и во ширина од 50 километри, има вкупен БДП од 14 милијарди долари, и БДП по жител од околу 40.000 долари и спаѓа меѓу најбогатите земји во светот и многу е логично со таков економски развој да има бесплатен јавен превоз.

Привилегија сепак да се возат бесплатно во јавниот превоз имаат граѓаните во францускиот град Данкирк, но не и во „30 други градови во Франција“ како што тврди кандидатката Арсовска.

Во Данкирк живеат само 91.412 жители, според евиденцијата од пописот во 2016 година. Во вака мал град, на тамошниот градоначалник му требале минимум 4 години да воведе бесплатен јавен превоз, затоа што морал прво да воведе нови и побрзи линии со предност на семафори – морал значително да ја прошири мрежата за да може да ги апсорбира ефектите.

Другите градови во Франција каде јавниот превоз е бесплатен се уште помали од Скопје, некои како Самоков во Бугарија, и таквите споредби се неосновани.

Првата француска метропола која вети дека ќе воведе „бесплатен јавен транспорт“ е Монпеље, град сепак помал од Скопје, но се уште нема воведено бесплатен јавен превоз, освен за време на викендите (исто како Стразбур).

И онаму каде што се популаризираат поголеми градови што овозможиле бесплатен јавен превоз, станува збор или за бесплатен превоз за одредени категории лица – пензионерите, студентите, средношколците и лица со посебни потреби и во Скопје се возат бесплатно, а во некои европски градови постои и бесплатен превоз на одредени линии (до молови или шопинг центри), или за бесплатен превоз во многу ограничено градско подрачје.

И бесплатниот превоз некој мора да го плати

Кандидатката Данела Арсовска не им соопшти на скопјани колку ќе чини нејзиниот „проект“ за бесплатен јавен транспорт, ниту пак други детали. Експресно и одговори противкандидатот Александар Тортевски со твитот: „Нема бесплатен јавен превоз. Луѓето можат да се возат бесплатно, но некој друг тоа мора да го плати“.

Од друга страна, актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, нуди проект за БРТ кој е со обезбеден буџет од 70 милиони евра, со детални рокови, и детални описи на коридорите, на новата флота хибридни автобуси, на новите автобуски станици и треба да биде прва сериозна трансформација во јавниот градски превоз во последните 30 години.

Кој проект ќе има иднина, зависи од гласовите на скопјани на престојните локални избори на 17 октомври.
Проектот на Арсовска останува необразложен и во делот на парите од градската каса. Кандидатите за нов градоначалник сепак се согласни дека на Скопје му се потребни нови електрични автобуси, но Арсовска не кажа ќе чинат оние 250 кои им ги понуди на скопјани, а без проценка на цената на чинење на проектот за бесплатен јавен превоз во Скопје, невозможно е да се процени дали истиот проект е одржлив и дали ќе обезбеди побрз и поефикасен транспорт во Скопје наспроти веќе одобрениот зелен проект БРТ до 2024 година.

Во предизборната кампања за градоначалник на Скопје досега се слушнаа и други алтернативи за превозот како што е пловење со бродови по Вардар или магнетни возови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот