Кој ќе го наследи Заев во СДСМ?

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Во политиката, како и во сите други сфери во животот, успешните лидери повеќе се резултат на личниот карактер и моралниот интегритет, отколку на експертизата за одредена област на работа. Експертизата може да се надополни со квалитетот на избраниот круг од важни соработници, а недостатокот од карактер нема замена.

Според сите најави, денеска пред Централниот и Извршниот одбор на СДСМ претседателот на владејачката партија ќе поднесе оставка. Тоа ќе ја активира статутарната постапка за избор на нов претседател – а новоизбраниот тој/таа ги предлага другите високи функционери во партијата, а дополнително ги гласа тамошниот Централен одбор. Како што е познато, по промените минатата година, и изборот на следниот лидер/ка на СДСМ ќе се спроведува со општо гласање на сите членови на оваа партија, со директен избор за некој од оние што ќе се кандидираат. И таа (револуционерна, а и уникатна, за наши околности) демократска можност ја воведе токму Заев, кој сега самоволно се повлекува од функцијата.

Сите ламентирања и сеирења околу одлуката на Заев за поднесувањето оставки се веќе добро познати и не вреди наново да се анализираат. И тоа – оставките по загубени, макар и локални, избори – го вбројуваат Заев во ретката сорта македонски политичари, од сега па до „крајот на историјата“. Како што ќе поминуваат годините, ќе се заборават сите актуелни контроверзии, малограѓански ситења, меѓупартиски злоби и општ говор на омраза, а местото на Заев, во една објективизирана, од потребната временска дистанца оценета историска улога, склон сум да мислам дека ќе добие само на поголем квалитет, а не обратно. Што и да мислите за него, човекот, де факто, „своерачно“ ја подигна „летвичката“ барем на дискусијата за лидерството многу повисоко од депресивниот просек на овдешната политика.

Кога си заминува бележит лидер од која било национална политичка сцена (на памет ми доаѓаат Блер, Меркел, Обама итн., иако веќе ги предвидувам зајадливите коментари поради оваа споредба на некогашниот струмички градоначалник со светскиве лидери!), прашањето за тоа кој ќе ги наследи ја надминува внатрепартиската анализа за „бројот на чевлите“ што ќе треба да го пополни новоизбраниот предводник на социјалдемократите.

Суштината на македонскиот мултиетнички, мултикултурен, компликуван меѓународен контекст, но и внатрешнополитички коалициски систем на владеење претпоставува партиски лидери со поголеми општествено-политички познавања, отколку бизнис-менаџмент квалитети. Овде и во догледна иднина за тоа кој ќе дојде на власт нема да решаваат предлозите за рамните или прогресивните даночни стапки, брзината на „дигитализација“ на општеството или, дури, ни стапката за предвиден економски раст, туку чувството за „средниот пат“ по кој може да се движи државата и вештината за правење политички и кадровски компромиси помеѓу разните, реално можни, партнери во власта. Блокирањето на евроинтегративната перспектива на државата само уште повеќе го нагласува тој пристап во нашата политика.

Овие околности би требало да бидат во фокусот на „одмерувањето на силите“ меѓу партиските кандидати амбицирани да го наследат Заев. Излишно е и да се разговара за другите важни и подразбирливи карактеристики на новиот лидер, какви што се оние од регистарот на антикорупциските или личните професионални искуства и квалификации.

Но, и СДСМ, како и сите поголеми партии, има свои внатрепартиски кадровски „кујни“ и лобија, разни струи чии политички и материјални интереси се врзани за профилот и личноста на лидерот. Не само кај политичките противници во другите партии, туку и меѓу самите содијалдемократи има важни кругови и поединци кои се чувствуваат како губитници, по разни основи, во осумгодишниот партиски претседателски мандат на Заев. Дотолку повеќе што партијата е (сѐ уште) на власт, а претпоставката е дека и новиот партиски лидер ќе биде следниот мандатар на владата.

Со кого и да разговарате деновиве, дури и неофицијално, сите се прилично воздржани во спомнувањето имиња за можниот наследник на Заев. Во моментов, не може да се идентификува личност која има реална „предност“ и во претпоставените кандидатури, па дури ни меѓу најблиските соработници на Заев. Напразно е, барем уште некој ден, да се спомнуваат конкретни имиња, бидејќи сите бираат јавна воздржаност и извесно „продавање магла“ кога ќе ги прашате за личните лидерски амбиции.

Сепак, збирната карактеристика на имињата што се вртат низ „чаршијата“ е дека се тоа релативно млади луѓе, речиси сите мажи, главно правници или бизнис-менаџери, без преголем политички опит во барем две-три поважни општествени области – нивните поединечни „секторски“ квалитети, па и умствени капацитети не се спорни; проблем е што не може однапред да им се проценат слабостите за водење сеопфатна политика според општествено-политичката формула неопходна за раководење со државата.

Но, во политиката, како и во сите други сфери во животот, успешните лидери повеќе се резултат на личниот карактер и моралниот интегритет, отколку на експертизата за одредена област на работа. Експертизата може да се надополни со квалитетот на избраниот круг од соработници, а недостатокот од карактер нема замена.

Можеби е тоа врвниот критериум според кој ќе треба да се водат партиските гласачи во СДСМ кога, наскоро, ќе гласаат за својот нов лидер. Впрочем, немаше ни Заев блескави експертски квалификации, па во исклучително компликувани политички и историски околности, како резултат на својот цврст карактер, постигна повеќе одошто сите се надеваа. Истото важи за Груевски, што и да мислите за него. Дури и кај Мицкоски е очигледен големиот напор во последните месеци да го претстави својот карактер во поинаква светлина од онаа на којашто навикнавме во годините пред тоа.

Без грижа, ловот на „подвижните лидерски мети“ во СДСМ веќе неделава ќе биде отворен, со имиња и презимиња, во сета своја колоритност и безмилосност каква што ѝ доликува на македонската политичка и политикантска заедница. Забавата е загарантирана барем толку колку што е неизвесен резултатот од неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот