Кој ќе ги грее домовите на скопјани откако БЕГ најави дека парно ќе нема?

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Откако извесен период од БЕГ убедуваа дека греат со оптимален режим и дека континуирано испорачуваат топлина до потрошувачите, одеднаш граѓаните беа ставени пред свршен чин, еден ден пред исклучување и во период кога надворешните температури се ниски, особено ноќните што одат неколку степени под нулата.

Сериозна е загриженоста на скопјани што се приклучени на системот за испорака на топлинска енергија на БЕГ дека од утре нивните домови ќе останат без греење. Откако извесен период од БЕГ убедуваа дека греат со оптимален режим и дека континуирано испорачуваат топлина до потрошувачите, одеднаш ситуацијата се смени кога беше соопштено дека нема повеќе гас и граѓаните, но и Владата беа ставени пред свршен чин, еден ден пред исклучување и во период кога надворешните температури се ниски, особено ноќните што одат неколку степени под нулата.

Денеска се уште сите се во неизвесност и во очекување што ќе соопшти Владата, но засега нема никаква реакција за тоа што ќе преземе за граѓаните да не измрзнат на студеното време.

Откако во четвртокот од БЕГ соопштија дека имаат средства за набавка на гас за уште еден ден и побараа Владата да ја преземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14 јануари, па сѐ до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона, единствено се огласи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. Тој рече дека во моментот кога БЕГ ќе престане да испорачува топлинска енергија, таа ќе остане без лиценца, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата.

Во своето соопштение до јавноста од БЕГ информираа дека немаат повеќе ресурси да обезбедат финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифата за производство на топлинска енергија и поради тоа нема да можат да продолжат со производство на топлина. Тие наведуваат дека во четвртиот квартал во 2021 година, компанијата успеала да ги амортизира пазарните ризици и да обезбеди растот на цените на гасот на берзите да не се одрази врз цената на топлината која се испорачува, па потрошувачите во првиот дел од грејната сезона воопшто не ги почувствуваа последиците од енергетската криза. Но кризата продолжува, а одобрената тарифа за топлинска енергија од РКЕ, според нив покрива незначителен дел од зголемените трошоци.

Заедно со Владата, како што велат, вложиле големи напори да се покрие финансискиот јаз помеѓу набавната берзанска цена на природниот гас и одобрениот трошок во тарифата за производство на топлинска енергија кој за јануари 2022 година изнесува 9 милиони евра. Од БЕГ објаснија дека цената на гасот за јануари 2022 година во согласност со договорот со добавувачот на природен гас е определена како средна цена на јануарските фјучерси во месец декември 2021 година, кога цените на берзите достигнаа највисоко ниво.

Добиваме голема помош од компанијата ТЕ-ТО АД, која со своите испораки на топлинска енергија во системот ја намалува потребата за набавка на природен гас во износ од дополнителни 5 милиони евра. Владата се заложи за итно плаќање на доспеаните фактури на буџетските потрошувачи – информираа од БЕГ.

Претходно Владата донесе одлука со која предложи АД ТЕ-ТО да работи седум дена во неделата во периодот од 5 до 1 часот со полна моќност, а АД „Електрани на Македонија” да ја откупува произведената електричната енергија, којашто не е наменета за потрошувачите на АД ТЕ-ТО Скопје. Министерот за економија Крешник Бектеши објасни дека цената по која АД ЕСМ може да ја преземе дополнително произведената електрична енергија од ТЕ-ТО е 170 евра/MWh.

Од ТЕ-ТО соопштија дека според постоечкиот договор за набавка на природен гас кој ТЕ-ТО АД Скопје го има со важност до 31.1.2022 година, производната цена на електричната енергија од неговата постројка, со вклучен трошок за произведена, но ненаплатена топлинска енергија, изнесува 270 евра/MWh без вклучен ДДВ.

– Во случај на наплата на топлинската енергија, производната цена на електричната енергија од ТЕ-ТО АД Скопје изнесува 251 евра/MWh без вклучен ДДВ. Продажба на електрична енергија под производната цена означува работење во загуба на ТЕ-ТО АД Скопје. Притоа, напоменуваме дека испораката на топлинска енергија од ТЕ-ТО АД Скопје само делумно го решава проблемот на БЕГ АД Скопје. За комплетно решавање на проблемот е неопходно дополнително финансирање на БЕГ АД Скопје – велат од ТЕ-ТО.

Владата во вторникот излезе и со предлог да покрие 80 отсто од разликата меѓу реалната и актуелната цена на парното греење, а останатите 20 отсто да ги покрие Град Скопје заедно со скопските општини. Од Градот информираа дека немаат ресурси да помогнат во покривањето на дел од трошоците на БЕГ за набавка на природен гас.

Според градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, механизмите и средствата за справување со енергетската криза ги има Владата, затоа што локалната власт не може да носи национални политики.

– Треба да преземе сѐ што е неопходно за граѓаните да бидат заштитени и да ја поминат зимата онака како што заслужиле. Не само што им беше зголемена сумата што ја плаќаат за 14 проценти, туку заслужуваат и подобри услови. Треба да се донесат национални мерки за спас од оваа криза и тие треба да ги донесе централната власт. Локалната власт не може да носи национални мерки и политики. Нашиот став е конзистентен, немаме надлежност и немаме можности -рече Арсовска.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот