Кој ќе им го чува грбот на Заев и Мицкоски на лидерската средба

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вечерва на неутрален терен во Собранието ќе се обидат да постигнат договор за Законот за јавно обвинителство со кој во јавно-обвинителскиот систем треба да се постави обвинителство за борба со висок криминал и корупција како што беше Специјалното јавно обвинителство.

Заев на состанокот ќе оди со министерката за правда Рената Дескоска, пратеничката Соња Мираковска и советникот Бојан Маричиќ.

Со Мицкоски исто така ќе бидат луѓе од работните групи кои и досега беа дел од преговорите, пратеникот Антонијо Милошоски, адвокатот Тони Менкиновски, Тинчо Муцунски и адвокатот Панче Тошковски.

Пред средбата и од власта и од опозицијата не даваат одговор на прашањето дали со тоа што предметите на СЈО се префрлија во ОЈО, иста ќе биде судбината и на вработените, дали ќе бидат префрлени во обвинителствата од кои дојдоа.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и предметите на „Рекет“ кои, според опозицијата, говорат за криминал на власта, треба да имаат иста судбина како и оние што ги отвори СЈО и ќе инсистираат тоа да биде регулирано со законот. Во оваа насока, како две главни точки од оваа партија кои ќе се дискутираат вечер ги наведуваат начинот на избор на Главниот државен обвинител, односно обвинителот на обвинителството за висока корупција како и тоа кои прислушувани разговори ќе бидат предмет на работа на новото обвинителство.

Опозицијата бара Главниот државен обивнтиел или обвинителот за висока корупција да го избира Советот на обвинители на предлог на Собранието. Ова прашање веќе било разговарано, но не бил постигнат договор. Во однос на прислушуваните разговори кои би биле предмет на интерес на ова обвинителство опозицијата бара да нема органичување на временскиот период во кој тие се појавиле, доколку за нив има јавен интерес. Власта, пак, бара да се ограничат на периодот од 2008 до 2015 година. Предлогот на Заев за предвремени избори во октомври, наместо во декемри догодина, за опозицијата се уште е добра појдовна основа за разговор. Опозицијата нема да го условува договорот за законот за ЈО со предвремени избори.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува на вечерашната средба со Мицкоски да биде покажана одговорност и да се направи обид за решавање на прашањето со Законот за јавното обвинителство. За инсистирањето на опозицијата да се разговара и за предвремени избори, вели дека тоа е легитмно барање, но сега има поважни прашања како полноправното членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Очекувам пред се одговорност. На крајот и граѓаните го очекуваат тоа од нас, а богами и ЕУ преку земјите членки на Европскиот совет чекаат секогаш да направиме некој чекор повеќе. Иако законот за јавното обвинителство не е дел од европскиот извештај по којшто се одлучува формално на Европскиот совет во средината на октомври, но треба да го отстраниме тоа прашање за случајно некому да не му биде, а на крајот на денот уште поважно заради граѓаните дома, очекувам одговорност. Не се нерешливи прашањава, само треба да бидеме одговорни пред системот, пред државата и секако пред граѓаните – изјави Заев

За барањето за предвремени избори кажа дека е легитимно опозицијата секогаш да бара нешто. Повтори дека прифатлив период за тоа би бил октомври 2020 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот