Кој ќе биде сезонски работник во ЕУ?

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Едноцифрена стапка на невработеност, и тоа под 10 проценти, како и повисоки плати за минимум 25 проценти. Со такви храбри ветувања на изборниот терен истрча Христијан Мицкоски, тврдејќи притоа дека ВМРО-ДПМНЕ би можела да ја направи македонската економија да биде прва на Балканот.

Во годините пред осамостојувањето, Македонија бележеше стапки на невработеност од околу 24 проценти. И по осамостојувањето, Македонија константно ја следеше поразителна статистика, при што постојано се наоѓаше меѓу земјите на врвот на табелата според највисоки стапки на невработеност во Европа. Невработеноста драстично се зголемуваше и достигна повеќе од 37 проценти во 2005 година, а во 2015 година изнесуваше околу 27 проценти. Во изминатите неколку години, развојот на македонскиот пазар на труд покажува нешто поохрабрувачки резултати, така што во првото тримесечје годинава стапката на невработеност изнесуваше 16,2 проценти.

Избирачите што ќе го побараат одговорот на прашањето врз какви мерки за решавање на најголемиот социоекономски проблем во Македонија се потпираат позитивните проекции на Мицкоски, димензионирани за изборната кампања, можеби ќе го најдат заплеткан некаде меѓу најавените 1.000 проекти со кои опозицијата ветува обнова.

Но, во каква реалност на економски трендови што ја зафатија Европа се лансираат вакви бомбастични изборни ветувања. Според општите проценки, корона-кризата во најлош случај може да предизвика двојно зголемување на невработеноста во Европа во наредните месеци. Мерките преземени за заштита на здравјето се проследени со сериозни последици врз економијата. Грција и Шпанија во февруари годинава, со 16,3 и 13,6 проценти, беа единствени ЕУ-членки со двоцифрена стапка на невработеност. Во друштво со нив, според актуелните прогнози за рекорден пораст на невработеноста преку 10 проценти, сега се приклучуваат и други членки.

Гледано од една поширока перспектива, сликата околу негативните движења на пазарот на труд се надополнува и со работната миграција, која често е од сезонски карактер. Но, ширењето на вирусот и затворањето на границите е проследено со тајмаут во движењата на работната сила. Оттаму се отворија и прашања од типот: Кој сега ќе ги бере јагодите во Европа? Или енормните плантажи со зеленчук во Шпанија? Загриженост изразија и балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија поради неможноста во бербата на зрнести плодови кај нив да бидат ангажирани работници од Украина. Земјоделието во Европа не може да преживее без сезонски  работници. Целата европска благосостојба всушност се потпира врз мигрантски движења.

Според статистиката на Евростат, на македонски граѓани во членките на ЕУ им се издадени околу 390.000 дозволи за престој. Поради хроничниот недостиг на кредибилни статистички податоци за демографските движења во Македонија, актуелната статистика на Евростат барем делумно ја пополнува таа празнина. Во случајов со издадени дозволи за престој и работа во ЕУ, се разбира, не се опфатени само македонските граѓани што добиле такви дозволи во последните неколку години, туку и оние што живеат во ЕУ-членки од поодамна, но, сепак, овие податоци доволно конкретно зборуваат за карактерот и обемот на емигрирањето од Македонија кон европските земји, и тоа најмногу поради барање работа и семејни причини.

Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот придонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски и економски показатели во голем број членки. Како земја со мало население, Македонија несомнено значајно придонесува кон таквите демографски процеси. Поради сиромаштијата и тешките животни услови, високата невработеноста, ниските плати, длабоката поларизација во општеството, партизираноста на сите нивоа и нефункционалните кревки институции, многумина македонски граѓани продолжуваат излезот да го бараат во странство.

Во овој контекст неретко се изнесува и уверување дека ЕУ-членството ќе го запре иселувањето на младите. Но реалноста ги демантира таквите тврдења. Бројките што го покажуваат иселувањето на жителите на ЕУ во потрага по подобар живот во други земји членки, е во постојан пораст. На врвот на табелата убедливо се издвојува Романија, со речиси 20 проценти од работоспособното население што ја напуштило земјата. Потоа, 14 проценти од Хрватите и 12,5 проценти од граѓаните на Бугарија на возраст од 20 до 64 години се регистрирани како жители во други земји членки на ЕУ.

За многумина Европејци можностите непречено да се патува и работи во рамките на Унијата е можеби најзначајниот симбол на слободата. Речиси сите категории вработени се иселуваат – не само сезонски работници на земјоделските плантажи, туку и лекари, медицински сестри, инженери, негувателки, градежни работници, шофери. Од сите источноевропски земји, без исклучок. Во најголем дел остануваат сиромашните и остарените, заедно со корумпираните и сè повеќе авторитарни политичари.

Несериозни се обвинувањата на опозицијата дека „СДСМ во последните три години донесе егзодус во Македонија“. Според некои анализи во изминативе дваесетина години, Македонија ја напуштиле помеѓу 450.000 и 600.000 луѓе. Само оној што нуди манипулативна логика и заслепеност во третманот на фактите може да се обидува да го прикрие податоците дека Македонија алармантно се празнеше и во текот на претходниот вмровски режим. И тоа најмногу поради високата невработеност.

Затоа, пред да почнат да се расфрлуваат со неодмерени фалби и ветувања, Мицкоски, и многумина други, можеби би оставиле поразумен впечаток во изборната кампања, доколку наместо едноцифрена стапка на невработеност би ветувале дека, ако ништо повеќе, ќе се обидат да дадат малку поголем придонес за Македонија да стане попристојно место за живеење. Барем за мала нијанса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот