Кој го урива минатото, ја урива иднината

Бошко Јакшиќ. / Фото: МИА

Почна, а и трае, голема ревизија на историјата, која се сведува на негација на сѐ што донесе антифашистичката борба и на глорификација на нешто што пред седум децении се нарекуваше предавство

Овие јулски денови во делови од поранешната Југославија беше одбележана осумдесеттата годишнина од почнувањето на востанието против фашистичките окупатори, но и понатаму живееме во време во кое се оспорува Народноослободителната борба, а партизаните се изедначуваат со разни колаборационисти на Третиот Рајх.

Можеби сето ова и не би изгледало така, ако не беа последните војни, кои колку што служеа за национално собирање, уште повеќе за пресметка со „комунистичкиот режим“. Почна, и сѐ уште трае, големата ревизија на историјата, која се сведува на негација на сѐ што донесе антифашистичката борба и на глорификација на нешто што пред седум децении се нарекуваше предавство.

Некој одамна рекол дека од комунистите полоши се само антикомунистите.

Овие последните, поддржувани од разни власти, одамна тргнаа во одмазднички поход против комунистичка Југославија. Веднаш се приклучија ренегатите на четништвото и на усташтвото, разни национал-десничари, кои како да подготвуваат терен за нови пресметки.

Во Србија припадниците на четничкото движење, оние што не извршиле злосторства, во правото се изедначени со борците од Народноослободителната борба. Тоа беше обид да се обнови националната слога, но брзо се покажа дека охрабреното четништво напредува, а во исто време антифашистите, наспроти повремените венци и пригодни признанија, се маргинализираат. Дотуркавме дотаму злосторниците од војните да добиваат улици, сѐ како награда за „жртвите на комунистичкиот терор“ – додека имињата на партизанските народни херои може да се најдат само во старите зборници на НОБ.

Чича и Недиќ

Дали постои објаснување? Постои. Демократските власти во Србија, кои извршија рехабилитација на четниците, проценија дека со отклонувањето од комунизмот побрзо ќе придобијат симпатии од Западот. Наместо да се гордеат со тоа што Југославија беше составен дел на славната антифашистичка историја што почна во Шпанската граѓанска војна во 1936 година, мајсторите на ревизијата на минатото прават огромни грешки, кои создаваат политички тензии и ги привикуваат злите духови од шишето.

Командантот на Југословенската војска во татковината и водач на четничкото движење, генералот Дража Михајловиќ, беше стрелан во 1946 година како воен злосторник, но кога во деведесеттите години почна да се шири идеологијата на антикомунизмот и великосрпството, Чича со пресуда од виш суд во Белград во 2015 година официјално беше рехабилитиран како жртва на судење што не било фер.

Подоцна беше започнат процес на рехабилитација на генералот Милан Недиќ, кој како претседател на Владата на национален спас во текот на целото време на Втората светска војна отворено соработуваше со фашистите. Рехабилитацијата не ги помина судските инстанци, но медиумското внимание што е посветено на докажаниот колаборационист имаше многу посилни негативни отколку позитивни ефекти. Ни политичарите, но ни медиумите, не ја искористија можноста да потсетат дека Недиќ беше некој што ангажирал камиони како први европски гасни комори за убивање Евреи.

Се покажа дека се погласни оние, како еден поранешен српски министер, кој изјави: „На поменот на неговата екселенција, генералот Милан Недиќ, секој Србин е должен да стане“.

Втората светска војна на маргините

Со децении 20 октомври се прославуваше како Денот на ослободувањето на Белград во 1944 година. Тоа беше укинато во 2000 година, кога првиот градоначалник на „слободниот Белград“ по Слободан Милошевиќ рече дека 20 октомври повеќе нема да се слави, дека тоа е ден на окупацијата.

Оттогаш празникот не беше прославуван, сѐ до доаѓањето на Владимир Путин во Белград во 2019 година.

Официјалната историја сега учи дека постоеле две антифашистички движења: партизанско и четничко, но партизанското е речиси целосно укинато по 2000 година. Националистите што сега се на власт во Србија, само ги искористија и ги надградија наследените погодности.

Како да се очекува младата генерација во Србија да биде информирана кога во учебниците по историја и во јавниот наратив постојат две балкански војни, Првата светска војна и војната во деведесеттите години, во која, како што ни е познато, „Србија не учествуваше“. Втората светска војна е потисната на маргините.

Инстант-историја за дневни цели

Антифашизмот не се вклопува во новите национални доктрини. Најнапред кај Србите, Хрватите и Бошњаците. Црна Гора, Северна Македонија и Словенија донекаде се поштедија себеси од тие големи историски фалсификати.

Додека антифашистичкото споменичко наследство е препуштено на заборавот, низ Србија никнуваат споменици на борци на четничкото движење, кое соработуваше со фашистичките окупатори во поголемиот дел од Втората светска војна. Тито во двор, Чича Дража на плоштад.

Втората светска војна веќе три децении се користи за рехабилитација на прикриените или на отворените колаборационисти. Антифашизмот стана колосална жртва на обидот за системско бришење на памтењето. Се уништува партизанската традиција, која е вградена во темелите на европскиот антифашизам.

Ревизионистичката доктрина упорно настојува да поништи еден реален историски ангажман и да понуди друг, кој би ѝ помогнал на инстант-историјата, на онаа што може да помогне за остварување на целите на дневната политика.

Новите српски национал-историчари се обидуваат да ме убедат да заборавам поради кого и поради што имавме жртви. Да не се прашувам со кого или со што се помируваме. Има ли денес сеќавања што се надвор од националното и тоталитарното сеќавање?

Во еден-два-три дена во годината се одржуваат пригодни говори, се мавта со тробојката на СФРЈ или се посетува гробот на Јосип Броз Тито. Потоа за час се враќаме во националистичката стварност и забораваме дека антифашизмот претставуваше доследен отпор на сите национализми.

Кој го контролира минатото, ја контролира иднината! – запиша Џорџ Орвел во својот славен роман „1984“. Во изменетата интерпретација, дали важи: „Кој го урива минатото, ја урива иднината?“.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Видео на денот