Кој ги добива инвалидските пензии – вистинските инвалиди или пак „глумци” за пари?

Пензионери/ Фото: МИА

Инвалидска пензија – тешки судбини, голготи, борба за живот и борба со немилосрдните и корумпирани институции, комисии, поединци. Неподвижни луѓе остануваат без пензија, а разни глумци, во спрега со лекари и посредници, „вооружени” со по неколку илјади евра, стануваат инвалидски пензионери со песна, е тема во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77, односно за корупцијата во издавањето на инвалидски пензии.

Неврологот Милчо Демерџиев, истакна дека слични проблеми има и во други земји, бидејќи фондовите биле сè попразни, па и сè потешко се стигнувало до инвалидски пензии. Во случајот „Метастаза” тој е еден од условно осудените.

– Не беше ништо докажано. Конкретно за мојот случај, се работеше за петнаесетина пациенти што имале наод од мојата приватна ординација. Таа дијагностика е за ишијас, а со таков наод не се добива ни боледување – рече Демирџиев.

Демерџиев се обидува својата невиност да ја докаже, но вели дека сите инситутции се затворени. Судењето според него било обична фарса, без вештачење, со апсурдни и смешни констатации и конструкции.

– Ме обвинуваат за злосторничко здружување, а ние со колегите и со посочените сведоци и пациенти никогаш не сме имале контакт. Ми влегоа во ординација со специјалци и камери во докторскиот простор кој е светост и после ги дадоа на Латас снимките да се вртат на телевизија со недели и да ме обвинат уште пред да започне судењето – вели Демерџиев.

Тој во гостувањето во „Стадион” на Радио Канал 77 зборувајќи за коронавирисот рече дека станува збор за опасен невидлив непријател и дека сите што се однесуваат ноншалантно, тврдејќи дека станува збор за светски заговор, не ги почитуваат мерките па играат ора, спроведуваат литии, се собираат групно во Сингелиќ, Чаир, би ги испратил со полициски комбиња на инфективна клиника да работат како болничари и чистачи...

Во емисијата учествуваше и Снежана Караџовска, која ја раскажа својата тригодишна голгота додека да стигне до инвалидска пензија откако пред четири години по сообраќајка и’ биле ампутирани двете нозе.

– Една година се надевав дека со протези ќе можам да проодам, па поради тоа побарав инвалидска пензија подоцна. Не ми бараа пари, но ме одбиваа за пензија, ми велеа, млада си, можеш да работиш – вели Караџовска.

Според Јадранка Јовановска, директорка на сектор во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување граѓаните укажуваат дека има корупција во издавањето на инвалидски пензии, но не пријавуваат.

– Некогаш ќе дојде странка анонимно да пријави неправилност. Меѓутоа, кога ќе бидеме упорни да даде изјава, да посочи за кого се работи, за да имаме некој цврст доказ, странката едноставно се повлекува. Нашата инвалидска комисија работи врз основа на докази, документи. Имаше една сторија на една телевизија, во која еден господин лежи и се жали оти е неподвижен. Меѓутоа, кога го зедовме неговото пензиско досие, видовме дека тој бил во работен одснос до пред шест-седум месеци, а не неподвижен со години. Не велам дека кај нас не постојат неправилности, но работиме тие да се намалат, искоренат. Во моментот спроведуваме проект со кој значително ќе го подобриме работењето на Фондот. Има идеја оцената на инвалидноста да се лоцира на едно место, во едно тело, како што е во Хрватска – една комисија за инвалидност да ги решава сите вакви прашања.– рече Јовановска во емисијата „Стадион” на Радио Канал 77 на тема корупцијата во издавањето на инвалидски пензии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот