Кој е српскиот тајкун кој станува главен играч на банкарскиот пазар во Хрватска?

Српскиот тајкун Миодраг Костиќ / фото: Марија5539/Википедија

Најголемата руска банка, Сбербанк, деновиве објави дека го напушта хрватскиот пазар, но и дека ги продава сите свои удели во неколку други земји: Србија, Унгарија, Словенија и Босна и Херцеговина.

Сите тие банки всушност се под контрола на српскиот тајкун Миодраг Костиќ, еден од најбогатите луѓе во регионот, „тежок“ околу 500 милиони евра, кој со ова станува еден од главните играчи на хрватскиот банкарски пазар, пишува Индекс.хр.

Вкупниот имот на подружниците на Сбербанк во овие земји на крајот на 2020 година вредел 7,33 милијарди евра, а 162-те експозитури опслужуваат околу 600.000 клиенти.

Од Сбербанк објаснуваат дека го намалуваат своето присуство во овој географски регион, за да се фокусираат на своите клучни пазари. Трансакцијата со АИК банка, Горењска банка и Агри Европа, односно со Миодраг Костиќ, по анализите се покажала како најатрактивна, откриваат од Сбербанк.

Кој е всушност Костиќ? Индекс пишува дека српскиот милионер е роден во Војводина во 1959 година, а родителите му се по потекло од Црна Гора. Својата прва компанија ја отворил во 1983 година, веднаш по дипломирањето на Економскиот факултет во Нови Сад. Фирмата МК Комерц извезувала земјоделски производи.

Својот прв поголем подем Костиќ го доживува во 90-тите години, за време на власта на Слободан Милошевиќ, кога компанијата прераснува во МК Груп, холдинг кој вклучува и брокерска куќа, како и повеќе фабрики за шеќер кои Костиќ ги презема низ цела Србија за малку пари. Освен ова, тој купува и десетина други компании од прехранбената индустрија, како и неколку трговски и комплекси со стоваришта.

Во политичка смисла, Костиќ бил финансиер на Демократската странка на Зоран Ѓинѓиќ и Борис Тадиќ, а со властите на Александар Вучиќ не се замерувал, пишува Индекс.хр.

Од 2006-тата година, МК груп почнува да го шири бизнисот и во Украина, по што следуваат вложувања и во Црна Гора, Словенија и сега во Хрватска. Тие инвестиции вклучуваат и енергетски проекти (компанијата ги изгради првите два ветерни паркови во Србија, во кои вложи 25 милиони евра). Костиќ е активен и во хотелиерството и поседува околу 15 хотели во целиот регион. Тој минатата година донирал половина милион евра за областите погодени со земјотреси во Хрватска.

Со време, МК груп се проширила и на банкарскиот бизнис, станувајќи прво малцински, а потоа и мнозински сопственик на српската АИК банка. По тие чекори, Костиќ сега е во доминантна позиција во банкарскиот сектор во регионот, а во тоа му помага токму мега-зделката со руски Сбербанк, пишува хрватскиот портал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот