Кој е мистериозниот осми патник со арапско потекло кој излегол жив од запалениот автобус и исчезнал

Местото на страотната несреќа на автопатот кај Перник / фото: ЕПА/ЕФЕ

Дали мистериозниот патник е извесен Шаип Науф ал Салах, 36-годишен Арап, државјанин на Обединетите Арапски Емирати, бугарската обвинителка Сијка Милева на денешната прес конференција не можеше да одговори. Неговото име го виделе роднините на преживеаните на листа која ја добиле во болницата во Софија. Тоа го тврди и синот на вториот возач на автобусот кој загина во пожарот на возилото. На официјалната листа на преживеани која ја објави македонското МНР стојат имињата на седум лица, и меѓу нив не е арапскиот државјанин.

Бугарските истражители дополнително ќе истражат кој е овој човек и каде се наоѓа сега. Дали тој се спасил од запалениот автобус и потоа мистериозно исчезнал во ноќта.

Според бугарското јавно обвинителство, од автобусот на смртта се извлечени 44 тела, за кои престои идентификација во наредните денови по што „телата ќе може да се ослободат и испратат во Македонија кај блиските за погреб на достоинствен начин“.

Неколку часови пред несреќата, на граничниот премин Капитан Андреево, од правец на Турција влегол автобусот, сопственост на скопската туристичка агенција „Беса транс“ со 52 патници и тие се евидентирани од бугарската погранична служба.

Ако се собере вкупниот број на жртви – 44 и бројот на преживеани 7, тоа се вкупно 51 лице, за разлика од регистрираните 52 на граничниот премин Капитан Андреево, посочи бугарската обвинителка Сијка Милева. Недостасува еден патник, а тоа се поклопува и со изјавата на еден од преживеаните сведоци, кој тврдел дека 8 лица живи излегле од автобусот.

– Во една од болничките соби разговарав со преживеано момче, на моја возраст кој го скршил стаклото од задниот прозорец и од таму се спасени лицата кои сега се во болница и му реков „Ти си херој“. Тој тврдеше дека се спасиле 8 лица. Голема загатка е каде е осмото лице кога сведокот категорично тврдеше дека се спасени 8 лица, раскажува обвинителката видно потресена зошто била на самото место на несреќата и ги видела труповите на загинатите, а потоа во болницата ги посетила и преживеаните.

Тезата за мистериозниот осми патник ја образложи и Борислав Сарафов, заменик јавен обвинител и директор на Националната истражна служба.

– Ако на Капитан Андреево е регистриран влез на 52 патници од тој автобус, а имаме потврда за 44 трупа, останува сомнеж за осмиот патник кој ја преживеал несреќата. Дали се прекачил во друг автобус од четирите на туристичката фирма на некое од застанувањата по патот, се проверува од видео надзорот на тие места. Обвинителството испраша двајца од патниците кои биле будни во времето на несреќата и дадоа исклучително точчни и објективни информации за настанот. Испрашани се независно еден од друг, дадоа детали кои се поклопуваат, поради што се апсолутно веродостојни како сведоци. Ќе испрашаме уште двајца од згрижените во болницата Пирогов, рече Сарафов.

– Се проверуваат листите на патници дали некој кој бил во овој автобус на Капитан Андреево, ја напуштил границата со друг автобус. Дали автобусот го напуштил откако се спасил или го сменил автобусот на некоја од постројките за одмор не знаеме, вели Сарафов, додавајќи дека сите овие хипотези се проверуваат.

Милева напоменува дека 20 минути пред кобниот момент, патниците одмарале на бензинска станица и се проверува видео надзорот за да се утврди кој влегол во автобусот, а се проверуваат и документите од граничните пунктови каде е регистриран влезот на сите патници од автобусот кој се запали на автопатот „Струма“.

Со вкрстување на ДНК примероците од роднините на загинатите во македонскиот автобус во Бугарија, земени од македонските власти и ДНК примероците кои бугарските истражни служби ги зедоа од опожарените тела, ќе се изврши целосна идентификација на жртвите во катастрофалната автобуска несреќа што во вторникот рано наутро околу 2 часот се случи на автопатот „Струма“, потврдија истражителите.

Од друга страна, директорот на Институтот за судска медицина доктор Александар Станков во телефонска изјава за „Слободен печат“ вели дека завршени се 44 обдукции на целосни тела, но и делови од тело, за кои со понатамошна ДНК анализа ќе се утврди дали припаѓаат на 44-те лица или се дел од 45-то тело.

ФОТО+ВИДЕО | ВО ЖИВО: Сите информации за тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот