Кој е корумпиран: Судството или граѓаните?

Кривичен суд / Фото: МИА

Антикорупционерите го вперуваат прстот кон судството. Од судот, пак велат, дека граѓаните нудат мито за да се заврши предмет.

Кој е корумпиран – граѓаните или судството? Ваква дебата се отвори денеска на средбата организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата на која беа анализирани состојбите со корупцијата во правосудството. Првата антикорупционерка Билјана Ивановска прстот го посочи кон правосудството, со оглед на тоа дека околу 20 проценти од претставките кои комисијата ги добива од граѓаните се однесуваат токму на судството. Потврда за ова, вели таа, се и резултатите од истражувањето на Балкански Барометар 2021 спроведено од Регионалниот совет за соработка каде е утврдено дека 81,1 процент од граѓаните сметаат дека судството е најкорумпирано.

„Ако е за утеха, овој процент е малку помал од претходната година. Истражувањето спроведено од Меѓународниот републикански институт – ИРИ во периодот март/април годинава, исто така забележа загрижувачки состојби во оваа област“, додаде Ивановска.

Само 23 проценти од граѓаните рекле дека имаат доверба во правосудството, наспроти 76 проценти кои се изјасниле дека немаат. Тоа значи дека 3:1 од македонските граѓани имаат недоверба во судството. Ова е континуирана состојба и растот е минимален, кој беше по потпишувањето на Договорот од Преспа и зголемените очекувања на граѓаните, укажуваат и од ИРИ.

Погрешна перцепција

 

Но, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев вели дека граѓаните се тие коишто се корумпирани. „Лично ми приоѓаат да сум им завршел предмет, отворено пројавуваат намера да дадат и бакшиш или мито, не само кај мене, туку и кај други колеги“, вели Џолев.

Тој смета дека перцепцијата кај граѓаните дека судството е корумпирано, е поради тоа што медиумите постојано пишуваат дека судиите се корумпирани. „Практично ги хранат граѓаните со такви информации и ги учат дека на тој начин треба да ја добијат правдата пред судот“, додава првиот човек на Кривичниот суд.

Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, одговорноста за градење на еден одржлив систем за борба против корупцијата е одговорност на сите. Со донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, од 2019 година, тој смета дека генерално е зајакната правната рамка за спречување на корупцијата и судирот на интереси за сите категории на службени лица, вклучувајќи ги и судиите и јавните обвинители. Потребно е мерките да се имплементираат и да профукционираат во пракса, но и законите да важат за сите подеднакво.

„Не можеме да имаме силна правна држава ако законите не важат за сите подеднакво. Тие што направиле корупција без разлика дали се работи за политичари, судии или било кој, мора да одговараат. Обиди за заобиколување на правдата и правниот систем не смееме да дозволиме. Токму затоа ја поддржавме новата методологија за проверка на работата во судството“, вели Маричиќ.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот