Кој е Антони Блинкен, човекот кој ќе ја предводи најмоќната светска дипломатија

Кога Џо Бајден ќе стапи на функција во јануари, неговата надворешна политика ќе ја води голем фан „Битлси“, кој свирејќи на гитара ги промовирал американските вредности како средношколец во Париз за време на студената војна.

Избраниот претседател на САД го избра Антони Блинкен за државен секретар, со што на важното место се става ветеран со три децениско искуство во круговите на демократската надворешна политика.

Блинкен беше поранешен писател на говори на претседателот Бил Клинтон, а блискоста со Бајден ја стекна како негов советник за национална безбедност кога Бајден беше потпретседател. Блинкен беше и заменик советник за национална безбедност на Барак Обама и заменик државен секретар. Враќањето на Блинкен на скалилата на моќта доаѓа во време кога САД се во фаза на најголемо затварање кон себе за време на четиригодишниот меѓународен изолационизам на Доналд Трамп.

Иако некои од предизвиците ќе му бидат познати на  Блинкен, тој сега ќе се соочи со нови проблеми како што е рапидниот воено – економски раст на Кина. Роберт Мали, шеф на влијателната Меѓународната кризна група, кој беше соученик на Блинкен во средно училиште, сега вели дека ветеранот од Вашингтон има совршена позадина за да го врати американскиот кредибилитет. Блинкен потекнува од семејство со надворешно-политичко педигре, (неговиот татко бил амбасадор во Унгарија, а неговиот вујко во Белгија), но со тоа што живеел во странство во својата младост, Блинкен знае како американската политика влијае врз остатокот од светот. Идниот државен секретар сега во своите интервјуа најавува дека САД мора да ги обноват старите сојузи за да се справат со „демократската рецесија“ овозможена од Трамп која продуцираше автократии од Русија до Кина. Најавата на следната американска надворешна политика затоа доаѓа како тежок предизвик за лидерите кои владеат со “Цврста рака”, а кои одбиваа и да му ја честитаат победата на Бајден. Познавачите во Вашингтон велат дека Блинкен е толку близок со Бајден, што некои го гледаат како негово „алтер его“.

Антони Блинкен е добро запознаен и со безбедносните предизвици бидејќи  беше на маса за сите важни состаноци во администрацијата на Обама цели осум години. Тоа за Балканот значи дека на првото место на американската дипломатија доаѓа добар познавач на овдешните прилики, и во исто време човек кој исто така добро ги знае и локалните проблемџии. За Северна Македонија е особено важно што администрацијата на Џо Бајден на голема врата ќе ја врати важноста на НАТО алијансата, бидејќи за времето на Трамп во тој поглед се добиваа измешани сигнали. Земјава после 30 години стана НАТО членка и добро е што транс – атлантските врски сега ќе добијат сериозно засилување. Назначувањето на Блинкен не е добар сигнал за локалните автократи, бидејќи администрацијата на Бајден веројатно ќе има прагматичен пристап во соработката со државите, но изчезнувањето на “Трампизмот” ќе предизвика сериозна кочница на недемократските процеси.

Судејќи по досегашните ставови на Блинкен, слободно можеме да кажеме дека се работи за демократ кој нема да двоуми да употреби и сила доколку смета дека се загрозени вредностите во кои верува. Следниот државен секретар се залагал за воена акција против Сирија откако режимот на Асад употреби хемиско оружје во 2013 година, но Барак Обама не го послуша. Но Блинкен исто така  му аплаудираше на Трамп за ударите во Сирија откако режимот употреби гас сарин врз граѓаните во 2017 година. Според Мајкл Мекфол, поранешен амбасадор на САД во Русија, Блинкен и група демократи создале група наречена „Иницијатива на Феникс“ за да дебатираат дали на партијата и треба посилен пристап кон националната безбедност откако Џон Кери загуби од Џорџ Буш на изборите во 2004 година. Кога групата водела дебати Блинкен бил силен поборник за користење на моќта на САД за “добро и за борба за човековите права. Тоа значи дека Блинкен ја превзема американската дипломатија како силен подржувач на американскиот интервенционизам.

Ова значи дека американската дипломатија ќе завземе многу потврд курс кон Русија, додека односот кон Кина ќе биде покомплициран поради низата на конкурентски односи на Пекинг и Вашингтон, особено во сферата на економијата. САД од друга страна ќе ги обноват силните врски со ЕУ, особено разнишаните односи со Германија и Франција, кои спаднаа на најниско ниво со администрацијата на Доналд Трамп.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот