Кој е Албин Курти, лидерот на Самоопределување и потенцијален премиер на Косово? (ФОТО)

Од лидер на студентски протести, до опозиционер кој не е „за преговори со Србија, туку за самоопределување“ до потенцијален мандатар кој сака да ги укине таксите и да ја врати Приштина на преговори со Србија. Вака накратко може да се опише Албин Курти, лидерот на косовското движење Самоопределување, кое на изборите во неделата освои најмногу места во парламентот.

Албин Курти својата политичка кариера ја започнал уште во деведесетите години на минатиот век, кога како студент организирал политички протести во Приштина. Тогаш тој бил официјален портпарол на албанските студенти во Косово, а зборувајќи за медиумите во тоа време тој нагласил дека нивните демонстрации „не се политички и немаат ништо со политичките партии“.

Заради своите студентски акции бил уапсен неколку пати, а првпат со затворот се соочил во 1997 година заради организирање на студентски протести на Универзитетот во Приштина.

Фото: Профимедиа

Во август следната година тој се вработил во кабинетот на Адем Демачи, политичкиот лидер на Ослободителната војска на Косово.

Како што пишувале некои белградски медиуми за време на бомбардирањата на НАТО во 1999 година, Курти пробал да ја напушти земјата облечен како жена, но српската полиција го уапсила.

Кога во јуни 1999 година српските сили се повлекле од Косово, Курти се нашол помеѓу неколку стотици албански затвореници, кои биле префрлени на српска територија, надвор од Косово.

Следната година му било судено во Ниш, а потоа бил осуден на 15 години затвор заради загрозување на територијалниот интегритет на Југославија и тероризам. Интересно е дека за време на судењето, тој одбивал одбрана и порачал: „Мене може да ми суди само судот на сопствениот народ. Не го признавам овој суд, не ја признавам Србија, не ја признавам Југославија.“

Сепак, Курти не ја отслужил својата казна, бидејќќи по пресудата следел пад на режимот на Милошевиќ и меѓународен притисок на новата власт да ги ослободи сите затвореници со „политичка“ етикета. Тој бил ослободен од затвор во 2001 година.

Тој на политичката сцена се вратил во 2005 година. кога активистите испишале графити на неколку згради: „Без преговори, самоопределување!“ Токму оваа акција била почетокот за движењето Самоопределување.

Формирањето на ова движење и испишувањето со графити било причина за апсење на стотици активисти, вклучувајќи го и Курти. Со овие графити движењето Самоопределување барало референдум за статусот на Косово, тврдејќи дека само референдумот и употребата на меѓународно признати права на самоопределување може да најде демократско решение за Косово.

Фото: Профимедиа

Едно од последните апсења на Албин Курти било во јануари 2012 година кога косовската полиција го уапсила со уште десет подржувачи на Самоопределување кога избил конфликт помеѓу полицијата и демонстрантите на патот кај Мердар. При апсењето, Курти рекол дека „постојат луѓе во Приштина, на кои не им одговара Косово да функционира како парламентарна република, бидејќи имаат многу интереси кога станува збор за увоз, односно продажба на српска роба.“

Без разлика на се, на изборите во 2014 година тој освои повеќе од 10 отсто гласови на изборите, по што процентите само се зголемувале, за во 2017 да дојде до скоро 30 отсто.

Курти остро ги критикувал преговорите помеѓу Белград и Приштина, како и политиката на Србија, гласно заложувајќи се за бојкот на производите од Србија.

По парламентарните избори во Србија во март 2014 година, тој рекол дека Србија „сака да стане мала Русија на Балканот, а другите да им бидат сателити“.

Исто така, Курти е застапник на идејата за Косово да се спои со Албанија.

Курти, досегашен опозиционер на косовската влада, во јавноста остана запаметен како политичар кој не сакаше да преговара со српската страна. Меѓутоа, пред изборите тој ја смени плочата и споменал укинување на таксата на робата како прва работа која ќе ја направи ако стане премиер. Сепак, покрај враќање на преговорите, Курти истакнал дека за првите денови од својот мандат од Србија ќе бара воена отштета.

Како што пишуваат приштинските медиуми и експерти, голема е можноста дека Курти ќе го заземе местото на Харадинај, па неговиот план за укинување на таксите и продолжување на преговорите ќе биде реализиран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот