Кои се плановите на гигантите на трансфер пазарот – Слободен печат
СпортФудбал

Кои се плановите на гигантите на трансфер пазарот

Со завршувањето на поголемиот дел од првенствата, екипите ги започнаа подготовките за наредната сезона и според последните шпакулации, најголеми „трошаџии“ ќе бидат европските гиганти.

Со одигрувањето на финалниот натпревар во Лигата на шампионите на 1 јуни ќе биде спуштена завесата во фудбалска Европа, а гигантите веднаш ќе почнат да го засилуваат кадарот за наредната сезона.
Вообичаено, во фокусот ќе бидат најголемите екипи како Реал Мадрид, Барселона, Јувентус, Баерн Минхен, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Атлетико Мадрид кои планираат да потрошат огромни средства во освежување на кадарот.

Шпанскиот весник „Марка“ направи анализа на плановите на гигантите за летниот преоден рок.
Во фокусот на „Марка“ е Реал Мадрид кој имаше очајна сезона и на лето ќе направи вистинска реконструкција на екипата во која 13 фудбалери ќе го напуштат „Сантихаго Бернабеу“, а како нивна замена, претседателот Флорентино Перез и тренерот Зинедин Зидан планираат да носат врвни засилувања. Официјално, само еден трансфер е договорен, Еден Милитао од Порто за сума од 50 милиони евра ќе премине во Реал Мадрид. „Кралскиот“ клуб ги договори личните услови со Еден Азар од Челси, Кристијан Ериксен од Тотенхем, а пред договор е и Пол Погба.

EPA-EFE/ANDY RAIN

Атлетико Мадрид исто така ќе направи целосна реконструкција на екипата.
Антоан Гризман, Лукас Ернандез, Диего Годин, Хуанфран, Фелипе Луис и Диего Коста веќе имаат нови екипи, а во случај да пристигне понуда која ќе ги задоволи апетитите на челниците, тогаш Никола Калиниќ, Сантијаго Ариас и Родри исто така ќе си заминат.
На списокот на желби за тренерот Диего Симеоне се наоѓаат, Алекс Телес, Ектор Ерера и Фелипе Монтеиро од Порто, потоа Мауро Икарди, Единсон Кавани и Пауло Дибала како можни наследници на Гризман.

EPA-EFE/SIMONE ARVEDA

Фокусот на Барселона е насочен кон тројца фудбалери кои и најверојатно ќе завршат на „Камп Ноу“, Френки де Јонг, Матијс Де Лихт и Антоан Гризман. На 10 фудбалери, управата на каталонците им дозволи да си побараат нов клуб.

EPA-EFE/OLAF KRAAK

Очајната сезона на Манчестер јунајтед, ги натера раководството на Јунајтед да подготви 300 милиони евра за нови играчи. Клубот го напуштаат Андрер Ерера, Антонио Валенсија, Алексис Санчез, Хуан Мата, Маркос Рохо и најверојатно Пол Погба и Давид де Хеа.

EPA-EFE/PETER POWELL

Манчестер сити е во потрага по елитен дефанзивец и напаѓач. Пеп Гвардиола е заинтересиран во своите редови да ги донесе Хари Мегваер (Лестер), Родри (Атлетико Мадрид), Хусем Оар (Лион), Жоао Феликс (Бенфика). Елаким Мангала, Николас Отаменди, Илкај Гундоган и Винсен Компани имаат дозвола да го напуштат англискиот шампион.

EPA-EFE/OCTAVIO PASSOS

По новиот неуспех во Лигата на шампионите, ПСЖ, повторно ќе троши во летниот преоден рок. На списокот на желби на францускиот тим се наоѓаат Дони ван де Бек (Ајакс)), Идриса Геје (Евертон), Тангуи Ндомбеле (Лион), Алан (Наполи), Андер Ерера и Давид де Хеа (Манчестер јунајтед), Фелипе Луис (Атлетико), Николас Пепе (Лил) и Хамес Родригез (Баерн Минхен). ПСЖ дури осум фудбалери стави на трансфер листата, од кои најзвучни се имињата на Џанлуиџи Буфон, Адриен Рабио и Јулијан Дракслер.

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Германскиот гигант, Баерн Минхен, исто така планира да потроши голема сума на пари, веќе потроши 118 милиони евра за Лукас Ернандез (Атлетико), Бенјамин Павар (Штутгарт) и Јан-Фиете Арп (Хамбургер). Во текот на летото, управата ќе се насочи кон Пауло Дибала (Јувентус), Николас Пепе (Лил), Тимо Вернер (Лајпциг), Каи Хаверц (Баер Л.) и Калум Хадсон-Одои (Челси).

EPA-EFE/RODRIGO JIMENEZ

Јувентус засега е тивок во најавите бидејќи приоритет е тренерската позиција. Иднината на Масимилијано Алегри сè уште е непозната, а досега е обезбеден потписот на Арон Рамзи од Арсенал.

EPA-EFE/NEIL HALL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close