Кои се македонски партии, а кои мултиетнички!

Досегашните коалиции на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ беа составени од по 20 партии од кои повеќето беа партии на етничките заедници!

Неодамна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски повеќе пати истакнуваше дека неговата партија била македонска, очекувајќи дека тоа така кажано звучи попатриотски од изјавата на Зоран Заев дека СДСМ е мултиетничка партија.
Во тој контекст беше и изјавата:
– Еве се чудам од вчера до денеска и не можам да донесам некој логичен заклучок како човек може да се срами од родот свој, а да очекува другите етникуми повеќе да го почитуваат кога гледаат дека он своите практично ги остава, вели Мицковски.
Веројатно со тој контрапункт, Мицковски смета да собере глас повеќе кај „тврдите“ Македонци, претставувајќи се како национална партија која нема намера да ја дели власта со другите етнички заедници или дека во најмала рака треба да се знае кој е газда во Македонија, а кој слуга.

-И за време на ТВ дуелот Мицковски се обраќаше повеќе на своите и тоа на оние тврдокорните, „патриотите“, а не на граѓаните и на неопределените, кои во крајна линија ќе ги решат изборите, смета Гордана Дувњак во изјава на емисијата „Седма сила“ на Слободен печат.

За Стојан Наумов пак кога Мицковски зборува за својата партија како за македонска, вели:
– Дури е непријатно да го слушаш, па сите партии се македонски и сите се мултиетнички на некој начин, вели Наумов.

Ненад Јовановиќ укажува дека Македонија и по устав е мултиетничко општество:
-Тука е разликата, дали ги делиш граѓаните и цврсто се определуваш за македонското етничко мнозинство, или се залагаш за еднаквост на сите граѓани, вели Јовановиќ.

Секако ваквиот став на Мицковски може да биде негово право на политичко изјаснување за преизборни потреби, но стварноста е сосема друга.

Не е јасно што мисли под тоа македонска партија кога самата досегашна коалиција на ВМРО ДПМНЕ беше составена од 19 партии меѓу кои Демократска партија на Србите во Македонија, Странка на демократска акција на Македонија, Партија на Власите од Македонија, Демократска партија на Турците на Македонија, Демократски сили на Ромите, Роми обединети од Македонија, Движење за национално единство на Турците и Партија за интеграција на Ромите.
Коалицијата на СДСМ пак беше составена од 20 партии во кои исто така влегуваа Демократски сојуз на Власите од Македонија, Српска напредна странка во Македонија, Партија за целосна еманципација на Ромите, Партија за движење на Турците во Македонија, Српска странка во Македонија, Демократска партија на Ромите, Обединета партија за еднаквост на Ромите.

По што е тука ВМРО ДПМНЕ македонска партија, на начин на кој тоа го прикажува Мицковски, а СДСМ била според Заев -мултиетничка.

Очигледно нема никаква разлика.

Она што е ново е дека во коалиција со СДСМ влегува уште една партија на уште една етничка заедница, албанската.

И тука нема ништо спорно.
Но спорно може да биде членувањето на коалициските партнери на ВМРО ДПМНЕ во коалиција што ја предводи една таква „македонска“ партија.

Инаку да расчистиме, македонски партии се сите. И партиите на Албанците и на Ромите и на Турците и на Власите, на Србите.
Албански, или српски партии има во Албанија, во Србија и т.н.

Но наместо да го дели македонското етнички ткиво Мицковски треба да се потсети што значи делот во името на неговата партија –ДПМНЕ!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот