Кои од забелешките на ВМРО ДПМНЕ за пописот се прифатливи, а за кои нема шанси

Фото Архива на СП

Одложување на пописот за 2021 година и формирање на посебно стручно тело кое ќе ја води пописната операција се двете барања на ВМРО-ДПМНЕ кои се неприфатливи за Заводот за статиситка, но за некои од барања има простор за договор. Ова е епилогот од вчерашната средба на преставници на најголемата опозициска партија кои доставиле 23 забелешки и  Заводот за статистика, што се одржа откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на прес коференција во Собранието ги соопшти нивните забелешки во однос на предлог-законот за попис.

Како што неофицијално дознаваме било прифатено во законот да се дефинираат поимите што се користат, како и да се даде прецизна информација за тоа што опфаќа поимот резидентно населние. По барање на опозицијата во законот ќе се наведат и белезите за кои ќе се прибираат податоци, а прецизно ќе се набројат и базите на податоци на други институции кои ќе се користат за проверка на податоците кои ги даваат испитаниците.

Вчера се разговарало и околу составот на пописните комисии, но било оставено да се разгледаат техничките можности, па дополнително да се допрецизира ова прашање.

Според неофицијалните информации, ова за што не постојат шанси за прифаќање е барањето за одложување на пописот како што ВМРО-ДПМНЕ предложи за 2021 година, бидејќи за тоа нема аргументи.  Неприфатливо е и процесот да го води надворешно стручно тело, бидејќи на пописот што пропадна политичкото мешање во процесот се вршеше токму преку ова тело.  Тешко би се нашло и заедничко решение околу поголема улога за Советот за статистика, бидејќи како што велат од Заводот, неговата улога е дефинирана со закон и не треба тој да излегува од своите надлежности.

-Советот има значајна улога во проверка на методологијата, односно на некој начин одобрување на методологијата за пописот – велат од Заводот.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ покрај тоа што податоците ќе се внесуваат во компјутер, да се пополнува и пописница, од Заводот велат дека тоа е непотребно.

Директорот на Заводот за статистика Апостол Симоски вели дека средбата била конструктивна.

-Средбата беше констурктивна, утврдивме неколку работи кои се прифатливи, а за другите останува да продолжиме да преговараме – вели Симоски.

Инаку ова е втора средба на опозицијата и Заводот за статистика во врска со пописот. Неофицијално овие средби ќе продолжат и за време на летните одмори, бидејќи се брза со донесување на законот за да може да течат подготовките за спроведување на пописот.

Пописот е планирано да се организира во април догодина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот