Кои луѓе се најзагрозени? Што сè можат горештините да му направат на телото

Фото: Профимедиа

Нашето тело има тенденција да ја одржува својата внатрешна температура на 37,5 степени Целзиусови, без разлика дали се наоѓаме во снежна бура или среде топлотен бран. Тоа е температурата на која нашето тело се навикнало да функционира.

Но, како што расте живата во термометарот, телото мора повеќе да се труди да не дозволи да му скокне внатрешната температура. И така тоа отвора повеќе крвни садови во близина на кожата за да ја ослободи топлината во нашето опкружување и почнува да се поти. Додека потта испарува, таа драматично ја зголемува топлината што се ослободува од кожата.

Кога тоа почнува да претставува проблем?

Ова можеби звучи едноставно, но тоа почнува да претставува извесен напор за телото – а колку е повисока температурата, толку повеќе телото се напрега.

Тие отворени крвни садови доведуваат до намалување на крвниот притисок и го принудуваат срцето да работи понапорно и побрзо да пумпа, за крвта да продолжи да циркулира низ телото. Ова може да предизвика благи симптоми како што се чешање од осип предизвикан од горештината или отечени стапала кога крвните садови почнуваат да се олабавуваат.

Но, ако крвниот притисок падне премногу ниско, тогаш до органите стигнува недоволно крв која им е потребна и ризикот од срцев удар е поголем. Истовремено, потењето доведува до губење течности и соли и, што е најважно, рамнотежата меѓу нив во телото се менува. Ова во комбинација со намалениот крвен притисок може да доведе до топлотна исцрпеност, а симптомите вклучуваат вртоглавица, несвестица, збунетост, гадење, грчеви во мускулите, главоболка, обилно потење и замор.

Што да правам кога ќе видам некој што е исцрпен од топлината?

Ако може да се излади во рок од половина час, тогаш топлотната исцрпеност обично не е сериозна.

Здравствените служби советуваат:

– Преместете го на ладно место.
– Поставете го во лежечка положба и подигнете му ги стапалата со благ наклон.
– Дајте му да пие многу вода – прифатливи се и спортските и пијалаците за рехидратација.
– Изладете му ја кожата – прскајте го или избришете го со сунѓер со ладна вода и ладете го со лепеза. Добри се и ќесичките со мраз околу пазувите или на вратот.
Меѓутоа, ако не може да закрепне во рок од 30 минути, тогаш следува топлотен удар. Тоа е итен медицински случај и мора да се повика брза помош.

Луѓето што доживеале топлотен удар може да престанат да се потат иако и понатаму им е претопло, нивната температура може да надмине 40 степени Целзиусови и може да доживеат мозочен удар или да ја изгубат свеста.

Кој е најзагрозен?

Староста или некои долгорочни здравствени состојби, какви што се срцевите болести, може да ги спречат луѓето да се справат со напорот на кој телото е изложено на топлина.
Дијабетесот, и тип 1 и тип 2, може да предизвика телото побрзо да губи течности, а некои компликации поради болеста може да ги променат крвните садови и способноста за потење.
Исто така, многу е важно да можете да препознаете дека ви е премногу жешко и потоа да направите нешто околу тоа. Тоа е нешто што повеќето од нас го земаат здраво за готово. Меѓутоа, малите деца и бебињата и оние што помалку се движат, можат да бидат позагрозени, а болестите на мозокот како што е деменција може да ги оневозможат луѓето да бидат свесни за топлината или да можат да направат нешто во врска со тоа.

Дали некои лекови го зголемуваат ризикот?

Да – но луѓето треба да продолжат да ги земаат лековите нормално и мора да вложат повеќе напор за да се изладат и хидрираат.

Диуретиците ја зголемуваат количината на вода што телото ја исфрла. Тие се користат нашироко, вклучително и за проблеми со срцето. На високи температури, ја зголемуваат опасноста од дехидратација и нерамнотежа на клучните минерали во телото.

Антихипертензиви – кои го намалуваат крвниот притисок – можат, во комбинација со крвните садови што се шират за да се справат со топлината, да предизвикаат опасни падови на крвниот притисок.

Некои лекови за епилепсија и Паркинсонова болест може да го запрат потењето и да го отежнат ладењето на телото.

А други лекови какви што се литиум или статини може да станат поконцентрирани и попроблематични во крвта ако дојде до прекумерно губење течности.

Дали топлината убива?

Да, повеќето смртни случаи се предизвикани од срцеви и мозочни удари што ги предизвикува напорот при обидот внатрешната телесна температура да се одржи стабилна.

Поголема стапка на смртност се јавува кога живата во термометарот ја надминува поделбата од 25-26 степени Целзиусови.

Меѓутоа, доказите сугерираат дека високите температури предизвикуваат смрт повеќе во пролет или на почетокот на летото отколку на „врвот на летото“.

Ова може да биде затоа што почнуваме да го менуваме нашето секојдневно однесување како што одминува летото и повеќе се навикнуваме да се бориме со топлината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот