Кои екипи се најголеми корона губитници?

EPA-EFE/RICCARDO ANTIMIANI

Тримесечната пауза во фудбалот поради пандемијата ги осакати амбициите на Лацио, Интер, Лестер, Бенфика…

Пандемијата на коронавирусот го стави целиот свет во карантин, а што се однесува до најважната споредна работа на светот им ја скрати можноста за историски успеси на дел од екипите.

Иако е тешко да се докаже дека тримесечната пауза и карантинот влијаеше на падот на формата, долгата листа на губитници покажува дека трите месеци без официјални натпревари остави огромни последици на екипи како Лацио, Интер, Лестер, Барселона, Валенсија, Бенфика, Галатасарај…

Еден од најголемите корона губитници е Лацио кој конечно по пауза од 20 години имаше одлична можност да ја освои титулата во Серија А. Екипата предводена од тренерот Симоне Инзаги играше фантастично пред паузата имаше само еден бод негатива во однос на лидерот Јувентус, а притоа ги доби речиси сите дерби пресметки со најдобрите екипи и тогаш изби пандемијата на коронавирусот…

Првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито се обидуваше на сите начини да не се прекине Серија А но неговите себични мотиви не наидоа на разбирање кај властите бидејќи Италија беше најзагрозена европска земја од коронавирусот и Владата одлучи да ја стави државата во карантин.

По тримесечната пауза и кога продолжи Серија А, Лацио не личеше на себе, во шест кола доживеа три порази и речиси ги загуби шансите за титулата, сега Јувентус им бега седум бода и никој не верува дека супер силниот тим на „старата дама“ на шест кола до крајот ќе ја испушти титулата.

Интер/ EPA-EFE/MATTEO BAZZI

Ништо полоша не е ниту состојбата со Интер чиј пад почна да се насетува пред мартовскиот прекин. Во последниот дуел пред прекинот на Серија А, Интер е поразен од Јувентус со 0:2, а во продолжението „нероаѕурите“ не изгледаат како екипа која треба да се бори за титулата. Играта од коло во коло е поочајна, напаѓачите како се уште да се на пауза и најголем дострел на Интер до крајот на сезоната може да биде второто место на табелата.

EPA-EFE/ALBERTO ESTEVEZ

Во Шпанија две екипи се најголеми губитници, Барселона паузата ја дочека како лидер на табелата со два предност пред Реал Мадрид но очајните игри на гостински терен ги свртеа работите. Реал Мадрид ги доби сите натпревари во рестартот на сезоната, додека Барселона ги губи бодовите на гостувањата, така со Севиља беше 0:0, загуби од Атлетик Билвао 1:0, со Селта играше 2:2, а не успеа да победи и во дербито со Атлетико Мадрид (2:2).

Паузата лошо влијаеше и на Валенсија која по тримесечната пауза одигра девет натпревари и победи само на два со што го загуби местото на табелата кое води барем во Лигата на Европа.
Масло на огнот долеа и ќерката на сопственикот на Валенсија која влезе во вербална војна со навивачите.

Лестер/ EPA-EFE/Michael Steele

Во Премиер лигата уште пред паузата се знаеше дека Ливерпул ќе ја освои титулата, па најголема неизвесност имаше во битката за местата кои носат во Лигата на шампиони. Пред паузата изгледаше дека покрај Ливерпул и Манчестер сити, сигурен учесник во идното издание на ЛШ ќе биде и Лестер, но откако се врати Премиер лигата, „лисисците“ не личат на себе, во шест натпревари остварија само една победа, загубија два пати и на три натпревари ремизираа со што му дозволија на Манчестер јунајтед да се врати во трката и лесно може да се случи на крајот токму Лестер да остане без пласман во ЛШ.

Бенфика/EPA-EFE/MANUEL DE ALMEIDA

Во Португалија веќе е познато, Порто ја прекина доминацијата на Бенфија која пет пати ја освои титулата во последните шест сезони. Бенфика иако имаше само еден бод заостаток зад Порто, имаше далеку полесен распоред според кој единствено дерби и е во последното коло и тоа против градскиот ривал Спортинг.
И наместо да го притиска Порто, Бенфика беше таа која правеше грешки против Тондела, Портимоиненсе, Санта Клара, Маритимо, Фамаликао…

Трабзонспор/EPA-EFE/STR

И во Турција е познато, омилениот клуб на претседателот Ердоган, Башакшехир ќе ја освои првата титула во клупската историја. Пред паузата поради пандемијата, состојбата на табелата изгледаше поинаку, Трабзонспор беше лидер, но во шесте натпревари по прекинот на сезоната победи на само два и му ја препушти лидерската позиција на Башакшехир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот