Кога се делевте, што ви се чинеше

Знаев јас колку малку знаат, односно не знаат Британците за деталите околу брегзит. Навикнати подолго време да ги користат бенефитите, сега откриваат дека во „другиот свет“ постојат други правила за другите. На пример – визи!

„Клетите Европејци ќе не малтретираат сега, од први јануари, кога новите правила стапуваат во сила и ние ќе имате третман како земјите од третиот свет“. Околу половина милион Британци кои имаат викендички или втор дом некаде низ Европа упатија писмо до владата, а уште десетици илјади им се приклучија во револтот, не толку кон владата, колку кон Европската Унија која ете, им ги крати правата на движење и од идната година ќе ги третира, па, како и сите останати.

На дел од Британците (ќе кажам Ним, зашто јас тоа одамна го знаев и не сакам да се идентификуваме со неинформираното брегзит мнозинство од 51%  кое го изгласа излегувањето од ЕУ) им се крева маглата на излоационизмот. Можеби во последен миг двата преговарачки тимови, британскиот и оној на ЕУ ќе постигнат договор за разделба, но реалните последици како уште да не допреле до луѓето, последната година зашеметени и со локдауните и полициските часови од пандемијата со ковид-19 со кои владата тука не многу умешно се справува(ше).

Брегзит десниот „Дејли мејл“ објави текст со наслов „Бесните британски експати (иселеници) ги креваат во воздух (демек, толку се бесни) новите правила за патување на Европската Унија“ . И „откри“ дека сега, откога Обединетото Кралство излезе од ЕУ, секој од Островот ќе има третман како и секој друг кој доаѓа во шенген зоната. Српрајз! Изненадување! Ами вие не знаевте, драги мои сограѓани дека може да се шета низ Европа, ама за да се остане во некоја од земјите од Унијата повеќе од 3 месеци, не може. За оние кои не се членки, за другите може – слободен проток на стоки, услуги и луѓе, со останување, се сеќавате? И правилата се – ако некој остане подолго, нема да може да се врати пак, а може и да биде казнет. Со пари, па дури и со забрана. А, ако сака да се врати, треба да излезе пред истекот на трите месеци. И пак да се врати, ако сака.

 Не знаеја дека не знаат?

Знаев јас колку малку знаат, односно не знаат Британците за деталите околу брегзит. Навикнати подолго време да ги користат бенефитите, сега откриваат дека во „другиот свет“ постојат други правила за другите. На пример- визи! За да останат во Франција подолго, на пример, треба да аплицираат за виза, која чини 99 евра, во француската амбасада, а често се случува да бидат повикани на интервју на кое треба да дојдат – лично. Во шпанската амбасада слично, но визата е нешто поевтина – 80 евра.

Интересно е што ова – не се нови правила. Овие постоеја уште, па со години, да не кажам децении наназад. Тоа што никој не им го кажа на луѓето тука, е, тоа е друга работа. Ако ништо друго, требаше да го знаат оние кои имаат втори домови и викендички во ЕУ, а кои, според една анкета, во голем број гласаа за – брегзит! Да се чуди човек, како тоа некои луѓе, колку се подалеку од татковината, стануваат поголеми патриоти, односно загриженоста (во комбинација со,  најчесто, слабата информираност за татковината) им е правопропорционална со влијанието врз домашните работи. Зашто ова уште повеќе ја разгоре домашната хистерија за лошата ЕУ која ете, што (ќе) им прави на „нашите“.

Пред месец и половина, кога се враќавме во втората дома преку половина Европа (радости) која зад нас полека се затвораше поради ковидот (таги), поминувајќи некои, се уште постоечки, граници, мазно и во колона од два-три автомобили, брзо е елегантно поминувавме низ делот под знакот „ ЕУ и Швајцарија“, гледајќи ги со грижа на совест, признавам, оние другите кои во колони (во Словенија колоната беше 5 километри, ах тие Словенци…) повеќе чекаа отколку се движеа. И ми пробудија спомени кога со торбите надвор, нашите, ама некои други наши, чекаа да бидат „прегледани“ и се крстеа и молеа во себе строгиот цариник да не му најде ништо, стоејќи мирно со двата пара фармерки на себе, препотувајќи се под јакните и држејќи ги рацете залепени  до телото, да не испаднат чизмите за Розе, свиткани под мишките.

 Булинг, Прити булинг

Во меѓувреме, тука уште не стивнува аферата за министерката за внатрешни работи, Прити Пател, која беше обвинета дека им  прави мобинг на вработените во министерството (тука тоа го викаат булиинг, од „були“, што значи насилник, во случајот- насилничка). Прити, онаа која му беше десна рака на премиерот Борис Џонсон во времето на неговото градоначалствување на Лондон, дојде со него и во владата, кога БоЏо стана премиер и остана да биде и десна и рака. Само уште посилна и, како што изгледа, уште поагресивна, што натера дел од вработените да не можат да издржат повеќе и – да се пожалат. Оценувајќи, изгледа, дека нивното здравје, и менталното и физичкото, е поважно од кариерата и работата во министерството. Кое, под палката на Прити, прави се да ги оневозможи имигрантите во Британија, држејќи ги со месеци во кампови, доцнејќи со разгледување на нивните барања за бегалски или некаков статус во земјата.

И упорно држејќи се, па и правејќи ги уште поостри условите кои треба да ги исполни секој кој бара виза за доаѓање во ЈуКеј, од туристичка, преку студентска, до работна, за која треба да одговарате неверојатно безобразни приватни прашања, да исполните речиси невозможни услови, да платите неколку стотини фунти ( неповратни) и…да… дури и во еден случај од минатото, да играте оро пред британската амбасада за да докажете дека сте културно, уметничко и друштво.

Обвиненијата за малтретирањата на Прити, не кон имигрантите (ќе ги спречуваше со вештачки бранови и мрежи во Ла Манш?!) или кон барателите на визи, на пример (ќе ги тестира од болести и ќе им бара ли да стојат на една нога и да се вртат во круг, додека ја пејат англиската химна – добро ова со визите малку го претерувам, ама речиси до тука е работата), туку кон дел од вработените, беа доволно сериозни за да бидат разгледани. И беше назначен владин претставник, кој истражуваше темелно, истражи и донесе одлука дека – Прити била мобирачка. И були. И дека ги малтретирала вработените и им ги правела работата и животот тешки, на работ на неподносливи. Па му го даде извештајот на БоЏо. Па, БоЏо го прочита. И додека сите очекуваа Прити да лета од министерското место, Прити не претна од Хоум Офис. Онаа која сето време тврдеше дека не направила ништо лошо и никого не малтретирала, остана, а сер Алекс Алан, оној кој го подготви и поднесе извештајот до премиерот, разочаран, поднесе оставка. Прити потоа се извини, без да каже за што се извинува?!

Колеги безрбетници

Деновиве излегоа детали од извештајот во кој се гледа дек Прити – викала,  на моменти хистерично, дека пцуела – и тоа не онака, да му се сневиди ( мојата најјака пцост) туку ги пцуела вработените, им кажувала  навредливи пораки . Според дефиницијата, булиинг, мобинг, малтретирање на работа е кога некој ве прави да се чувствувате непријатно, исплашено (замислете да ви се закани да ве фрли од прозор!) помалку ценето или омаловажено. Според наодите, Сер Алекс заклучил дека Прити не ги исполнила високите стандарди кои треба да постојат во министерството и дека нејзиното однесување било  на малтретирачка, були и мобирачка. И ене ја Прити мобирачка, уште во министерството, а колегите министри се натпреваруваат кој повеќе ќе каже колку била фина и симпатична кога биле заедно на седница на влада, во парламент, на семинар, на зум, на Скајп, на… ах, колеги, колеги, безрбетници.

Досега, никој од вработените во министерството не се огласи. Уште се во шок, кутрите? Но, јавноста – да. Од сите страни стигнуваат повици, не само за Прити, вели Лорд Еванс, поранешниот шеф на Ем Еј 5, а сегашен шеф на Комисијата за стандарди во јавниот живот (да, да и таква имаме) туку и за другите околу Борис кои „претерале“. Тој вели  дека се преплавени од барања и реакции и коментари на поединци и организации кои се незадоволни од тоа како премиерот се однесува кон докажаните забелешки и критики за непрофесионално однесување на луѓето од неговото најблиско окружување.

И имам некое чувство дека приказната со Прити, не е завршена. Кога ќе добие епилог, вие први ќе дознаете. Признавам, имам нешто лично против насилниците, насилничките и насилничињата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот