Кога ревизионистите маршираат во МАНУ

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Груевски е отсутен, Коцарев е небитен, Иванов е апсолвиран долго пред да го заврши својот претседателски мандат, а Црвенковски својата катастрофична рефлексија ја сведе на неколку поенти што сведочат дека денешните проблеми не се од вчера – прилично напротив!

Ретка е можноста, на едно место и во исто време, да се собере „кремот“ на политичкиот ревизионизам и реакционизам во Македонија, како што е (првиот ден од) дводневниот собир во МАНУ за „Современата македонска држава – две етапи во нејзиниот развој: 1941-1991/1991-2021 година“.

Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ (инженер по професија, но амбициозен историчар-аматер со години наназад), за да немаме дилеми во тоа што следува, уште на почетокот ја постави целта во агендата на конференцијата: „Денешните политичари се слуги на дневнополитичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме“.

Потоа, меѓу првите говорници на конференцијата, со свои обраќања се вклучија и двајцата некогашни претседатели на државава, господата Црвенковски и Иванов, кои елоквентно ја експандираа тезата на Коцарев во многу повеќе депресивни детали, за дури актуелниот претседател Пендаровски со својот настап да се обиде да го врати балансот на историските и актуелните процени за комплексните предизвици со кои се соочувала Македонија во изминатите 30 години и „денес“.

Штета што, од објективни причини, во оваа пригода во МАНУ физички не можеше да им се приклучи и Никола Груевски, а е вистински пропустна организаторот на овој собир што претседателот на МАНУ, г. Коцарев, не се сетил да му понуди барем на ЗУМ на Груевски да се вклучи и да придонесе во објективната реминисценција на последните 15 години од македонската државност. Сигурен сум дека и тој би имал многу релевантни аргументи за оценка на „денешните политичари“.

На списокот говорници недостасуваа покојните Глигоров и Трајковски и, првиот ден, сѐ уште активните Стојан Андов и Љубчо Георгиевски – Андов и Георгиевски изминатиов месец имаа доволно јавни обраќања за да ги искажат своите критички опсервации за изминатите 30 години и, колку што следев, многу пообјективно и поизбалансирано го кажаа она што го мислат и за минатото и за иднината на државата.

Вака, Груевски е отсутен, Коцарев е небитен, Иванов е апсолвиран долго пред да го заврши својот претседателски мандат, а Црвенковски својата катастрофична рефлексија ја сведе на неколку поенти: Македонија е корумпирана, внатрешно конфронтирана и држава која живее на кредити, без функционална правда и со партиите како извор на повеќето општествени „зла“. Сето тоа не е од вчера. Прилично напротив.

Бидејќи, „денешни политичари“, помалку виновни, а многу должни, секој колку што знае и како умее, се обидуваат да ги исправат наследените состојби чии втемелувачи се токму погореспомнатите дискутанти. Што мисли граѓанството за напорите, на пример, на Заев и на Мицкоски за справување со проблемите, речиси секоја година 3-4 години наназад го проверуваме на избори, едни следуваат веќе за две-три недели – какви и да се резултатите, тие се во добар дел „кумулација“ и на претходните 25 години владеење во Македонија.

Нема во овие говорници со изминат „рок на траење“ државнички капацитет од кој нацијата може многу да научи. Среќа е што Македонија во својата историја покажала отпорност и во потешки времиња и знаела да ги надживее своите лоши политичари. Да се надеваме дека ќе се видиме и на прославата на 50 години од самостојноста, со подобар состав на своите тогашни лидери.

 

 

Видео на денот