Кога расте евроскептицизмот, расте и национализмот

Партиите од албанскиот политички блок ги враќаат националистичките пораки и манифестации во оптек, и покрај реакциите не само на граѓаните туку и на политичарите од македонскиот кампус. Не ни стивнаа реакциите за објавата на тетовскиот градоначалник и претседател на Беса, Билал Касами, дека Тетово е албанскиот главен град во Северна Македонија, со која им посака добредојде на градоначалници Албанци од Косово, неговиот колега од Кичево, Фатмир Дехари од ДУИ, утревечер одбележува 10 години градоначалникување со Кичево, со манифестацијата „10 години гордост – историски час на Кичево под албанска власт“.

Новинарот и аналитичар Исен Салиу смета дека националистичките изблици на Касами и на Дехари се директна последица од националистичката реторика на македонската опозиција, односно големата поддршка што таа реторика ја наоѓа кај македонската јавност и кај македонските гласачи, ако им се верува на анкетите.

„Исто така, општо е познато не само кај нас, туку и во регионот, дека кога расте евроскептицизмот, правопропорционално со тоа расте и национализмот. Сепак, јас не гледам причина за загриженост, бидејќи секогаш е тука и „тендеризмот“ како доминантна идеологија кај политичките партии „и наши и ваши“. Идеологија што на крајот ги руши сите бариери меѓу политичарите и политичките субјекти, било да се либерали било тврдокорни националисти. Освен тоа, кому политичките партии ќе „продаваат“ национализам кога веќе од земјата бега сè живо и диво“, вели Салиу.

ВМРО-ДПМНЕ Кичево: Приватна журка на Дехари

Иако градот е мултиетнички, речиси цела ДУИ, на чело со Али Ахмети, со првиот вицепремиер Артан Груби (покана добил и шефот на дипломатијата Бујар Османи), и со други актуелни и поранешни партиски функционери, во амбиент преплавен со албански знамиња ќе присуствуваат утревечер на „историскиот час на Кичево“. Зошто е потребно да се организира ваков настан, дали се поканети политичари и општественици Македонци, кој е организатор, колку чини организацијата и кој ја плаќа се прашањата што му ги испративме на Дехари, но кичевскиот градоначалник не ни одговори. Не сакаа да ни одговорат ниту од Општината, ниту од кабинетот на Дехари.

Според објавата на фејсбук-страницата на Дехари, на прославата ќе учествуваат истакнати личности од „нашиот (веројатно се мисли на албанскиот) општествено-национален, политички и уметнички свет“. Прославата почнува во 14 часот со уметнички перформанси на деца на градскиот плоштад, а еден час подоцна е најавена изложба. Централната прослава ќе се одржи од 20 часот, како што е наведено во поканата – во Палатата на културата, без да се наведе името на Домот на културата – „Кочо Рацин“!

За манифестацијата не биле информирани ниту поканети преостанатите советници. Лазе Јакимовски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кичево, манифестацијата ја оцени како приватна журка на Дехари.

„Станува збор за приватна журка на Дехари на која ќе промовира национализам и иредентизам. Што е гордо и достоинствено во неговото владеење, дали дека направи пустош и егзодус? Дека се иселени многу граѓани, пред сè Албанци, дека се затворени многу фирми, а тој соработува само со неколку? Опустошена е чаршијата! Владее корупција! Еманципираните и образовани Албанци не може да ги задржи со приватна журка и со илјадници албански знамиња. На што е горд Дехари?“,праша Јакимовски.

Касами се пожали дека објавата му била злоупотребена

Тетовскиот градоначалник Касами, по реакциите на неговата објава, дообјасни дека за Тетово не мислел дека е главен град на Албанците, туку главен центар. Формулацијата во која градоначалникот го нарекува Тетово албанско „седиште“ (во буквален превод: главен центар), наиде на негативни реакции кај граѓаните Македонци, кои го обвинија Касами дека се занимава со празен национализам, наместо да ги решава проблемите во една од најлошо менаџираните општини во државата. Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ – Тетово на скандалозната објава на Касами и му забележа дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонците и на сите други што живеат во Тетово. На објавата на Касами реагираше и општинската организација на СДСМ во Тетово, од каде што му порачаа на градоначалникот дека „нема ориентација во просторот“.

Касами во својата реакција рече дека не се работи за „главен град“, како што било пренесено, туку за „албански центар“ и обвини дека објавата му била злоупотребена со тоа што ѝ била дадена друга насока.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот