Кога пожарите ќе стивнат

Никола Тодоров. / Фото: Архива на Слободен печат

Во државава, вака килава како што сме ја направиле, доколку не се преземат радикални мерки за превенција од големи штети при природни катастрофи, може да се соочиме со тотален крах на системот.

Ова лето бевме сведоци на пожари од големи размери во државава. Изгореа хектари и хектари шума, беа уништени домови, селски стопанства, животи. Луѓето немоќно гледаа како државата е во пламен. Секому, кој и малку е запознаен и заинтересиран на тема климатски промени, му е јасно дека што и да се преземе, многу тешко е планетата брзо да се рехабилитира од тоа што ние, луѓето, водени од алчност ѝ го направивме. Јасно е дека во наредниот период природата ќе му враќа на човекот за сето зло што човекот ѝ го нанесе. Ова значи дека пред нас е една епоха на големи природни катастрофи, во кои човештвото ќе биде жртва на сопствениот развој. Ќе страда и природата, ама ќе страда и човекот и економијата, па јасно е дека државите ќе бидат принудени да ги сменат приоритетите и пристапот во делувањето.

Крах на системот

Во нашава држава, вака килава како што сме ја направиле, доколку не се преземат радикални мерки за превенција од големи штети при неминовните природни катастрофи, може да се соочиме со тотален крах на системот, големи човечки жртви, разорување на економијата и уништување на земјоделството.

Пожарите ќе стивнат, ќе дојдат поплавите. Катастрофи во низа. Денес на една локација, утре на друга, задутре на неколку истовремено. Државата ќе ги проценува штети и ќе ги исплаќа во некој процент, кој со тек на време ќе биде сѐ понедоволен да ја покрие вистинската штета. Ова значи дека во наредниот период државата ќе треба да алоцира многу повеќе средства за обесштетување од природни катастрофи. Ова, во комбинација со неопходноста за алоцирање на средства за борба против пандемијата што ќе потрае, ќе значи сѐ помалку средства за капитални инвестиции и за развој на државата. Државата ќе гори, куќите ќе се поплавуваат, економијата ќе тоне, државата нема да може да ги финансира сѐ поголемите непредвидени расходи. Ова е извесно предвидување, а не негативна мисла.

Многу често сме склони да зборуваме дека ни недостасува систем и дека мора да изградиме систем. Во случајов, систем имаме, она што ни недостасува се ресурси и знаење во системот. Системот што го имаме се вика управувачки комитет, систем што сум го водел и кој добро го познавам и кој е добро поставен на хартија. Се знае како се свикува, кој го раководи, како се носат одлуките и како се спроведуваат. Сите чинители што треба да бидат дел од системот се вклучени. Но, што фајде од тоа? Ќе се состане управувачкиот комитет и ќе донесе одлука пожарот да се изгасне и овој ќе послуша?! Ни требаат ресурси, материјални и човечки.

Најнапред да потенцирам дека не беше дозволиво и беше страшно неодговорно двата авиона за гаснење пожар што ги имаме, да не бидат во функција. Не недела или две, туку години. Тоа е минирање на системот за одбрана од катастрофи. Причина за ова е што Дирекцијата за заштита и спасување предолго е жртва на партиско политички поткусурувања. Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, верувајте, во наредните децении ќе бидат едни од најспоменуваните институции во државата. Од нас зависи дали ќе ги спомнуваме како фалични институции во кои и тие ресурси што сме ги алоцирале нема да се во функција, или ќе бидат институции кои брзо ќе делуваат и ќе придонесуваат кон намалување на последиците од природните катастрофи. Затоа партиите треба да почнат да ги поставуваат своите најспособни луѓе во овие институции.

Второ што мора да се направи е на овие институции да им се дадат повеќе ресурси. Очигледно е дека мораме да имаме повеќе авиони за гаснење пожар и сите да бидат постојано во функција. Да имаме повеќе хеликоптери што можеме да ги користиме за гаснење пожари и тие да бидат постојано во функција. Да имаме повеќе модерни возила за гаснење урбани и шумски пожари, сите да бидат во функција и да бидат така распоредени за да можат брзо и ефикасно да стигнат таму каде е потребно. Да имаме човечки ресурси што се максимално добро обучени за користење и управување со опремата и кои ќе бидат дел од систем за континуирана едукација во својата област, со цел да го трансферираме кај нас сето знаење што го имаат најразвиените земји на ова поле.

Систем за територијална одбрана од природни катастрофи

Проблемот е што и сето ова да го имаме, повторно нема да можеме да одговориме на сите предизвици и катастрофи. Причината е едноставна. Никогаш ниедна земја, па ни нашата, нема да може да има доволно обучен професионално ангажиран персонал за спасување (пожарникари, спасувачи) за да одговорат на сите места каде што е тоа потребно во доволен број. Затоа, ако минатиот век државите во светот беа преокупирани со тоа кој колкава армија има, овој век земјите ќе бидат присилени да се преокупираат со тоа кој колку модерен и екипиран систем за спасување поседува. Ако можеше минатиот век сите да се обучуваат да водат војна, овој век ќе мораме да се обучуваме како да се браниме и справуваме со природните катастрофи. Ни треба армија од обучени луѓе во секое место, во секој град, во секое село. Ни требаат обучени луѓе што кога природна катастрофа ќе се случи, веднаш професионално и со знаење ќе се вклучат во справувањето со последиците заедно со професионалците кои тоа го работат како занимање. Ни треба нешто слично на системот на територијална одбрана, систем кој го имавме додека бевме дел од Југославија. Ни треба систем за територијална одбрана од природни катастрофи. Овој систем треба да биде составен од добро обучени цивили, кои во случај на катастрофа точно ќе си ја знаат својата улога, ќе знаат за колку време и каде треба да се распоредат (систем на јавки) и што е најважно ќе бидат обучени да ракуваат со опрема, а може и дел од опремата (униформи, маски итн.) да ја должат, односно да ја чуваат кај себе и да се грижат за нејзината функционалност. Вака обучени жени и мажи треба да имаме, како што кажав, во секое место, со цел нивно брзо распоредување и ставање во функција на намалување на последиците од природната катастрофа, без разлика дали станува збор за пожар, поплава, земјотрес, лизгање на земјиште, лавини итн.

Покрај овој систем на територијална одбрана од природни катастрофи неопходно е армијата и полицијата исто така да бидат максимално обучени за дејствување со цел спречување на последиците од природните катастрофи, гаснење пожари, делување во случај на поплави и земјотреси. Јасно е дека сѐ повеќе армијата и полицијата ќе мора да се користат и во оваа улога. И едните и другите мора да имаат ресурси, знаење и систем за брзо распоредување и вклучување во борбата против последиците од природните катастрофи. Истово важи и за здравствениот систем, кој мораме да го подготвиме и да го приспособиме на она што светот го очекува.

Со жалење констатирам дека човековата алчност го доведе светот во ситуација човештвото да се бори против природата, а природата против човештвото.

За крај, во „Кога јагнињата ќе стивнат“ култниот трилер/хорор филм од 1991 година, Ханибал Лектор (Ентони Хопкинс) ѝ вели на Кларис (Џуди Фостер): „Го изедов неговиот црн дроб со грав и со прекрасно кианти“. Е, па, драги мои, човештвото го изеде белиот дроб на планетава, онака, без грав и вино!

Преземено од Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот