Кога подароците за владините функционери имаат превисока цена – платените ручеци и патувања водат кон корупција

Тркалезна маса „пријавување и управување со примени дарови и други погодности“/Фото: Слободен печат/Методиј Здравев

Подароците кои ги добиваат високите владини функционери се сива зона за корупција и  тргување со влијание, може да го загрозат интегритетот и да влијаат врз донесувањето на одлуките и поради тоа оваа материја мора да се регулира. Вицепремиерката за владини политики за добро владеење Славица Грковска на денешната трибина посветена на пријавувањето и управувањето со примени дарови и други погодности истакна дека тоа е една од обврските која ја бара и ГРЕКО и е од  петтиот круг на евалуација.

-Потребно е построго да се дефинираат правилата за да бидат и реални и објективни и да има систем којшто ќе функционира. Во денешниот свет на функционирање и комуникација и испреплетеноста помеѓу политиката и бизнисот, постојат повеќе предизвици за тоа како функционирањето помеѓу овие два света би можело да придонесе за влијание при носење на одредени политички одлуки, нагласи Грковска.

Построги принципи во однос на доделувањето на подароци веќе се воведени во Советот на Европа и Европската Унија па еврокомесарите не смеат да примат подарок поголем од 150 евра. Доколку тоа се случи  имаат обврска да го пријават во Канцеларијата на протоколот кој води регистар за тоа кој го добил подарокот и кој го подарил.

-Ние како држава исто така имаме обврска да ја регулираме оваа материја, не само поради препораките на ЕУ и препораките од ГРЕКО туку заради тоа што треба да се избегне „пријателството“ помеѓу политичарите и бизнисмените и на тој начин да се влијае на одредени одлуки или интереси коишто би можеле да бидат во насока на фаворизирање на страна, рече Грковска пред почетокот на трибината во организација на УСАИД.

Какви се европските искуства

Македонската влада побарала мислења и анализи од странски експерти, односно од Меѓународната Фондација за изборни системи (ИФЕС) за избор на најдобриот модел за државава во согласност со европското законодавство.  Станува збор за цел пакет на политики и решенија за тоа кој ќе го прави регистарот на дароци, како да се пријавува зошто не станува збор само за функционерите на владата туку за функционери на генерално ниво – градоначалници, членови на општински совети – односно, како што нагласи Грковска „генерална политика која ќе придонесе во насока на превенцијата на корупцијата“.

Во анализата на ИФЕС која ја презентираше експертката Лиса Клеин се нагласува дека Северна Македонија нема дефиниција за подароци во примарното законодавство, за подароците ги дели на недвижни и подвижни предмети, а не споменува гостопримство и бенефиции, а проширената дефиниција од насоките од минатата година не е правно обврзувачка.

Според европските норми подарок е секој предмет како готовина, стока, права или какви било услуги дадени бесплатно или по вредност помала од нивната комерцијална вредност, а вклучува и понуди за гостопримство, односно оброци, пијалоци, патни трошоци, сместување и други трошоци. Клеин ги посочи премиерите на Британија и Франција Борис Џонсон и Франсоа Фијон кои не одолеале на скапи подароци во својот мандат како што се луксузни патувања односни скапи костуми, а  американски врховен судија признал дека добивал подароци во вид на патувања и школарини за членови на неговото семејство.

Нулта толеранција за дарови или построга контрола

Нотирајќи повеќе слабости во актуелната правна рамка која ги регулира подароците во јавниот сектор во државава, експертот Драги Малиновски во својата презентација како решенија за проблемите го посочи разграничувањето на дозволеноста од недозволеноста на подарокот како и ефикасно управување со подарокот, односно негово унифицирано пријавување, евиденција и обезбедување на транспарентност при примањето на подароци и постапувањето со нив.

Инаку, Државната комисија за спречување на корупцијата како надзорно тело уште минатата година издаде упатство за постапување со подароци погодности и гостопримства во јавниот сектор во кое препорачува нулта толеранција кога се зборува за политика за подароци, односно институциите, наместо да даваат примери што може да се прифати, да забрануваат примање на секаков вид на подароци, удобности, гостопримство и други облици на бенефиции за време на нивниот мандат/дејност во институциите од јавниот сектор, но сепак препораките се дека подароци ќе може да се примаат и даваат, но под строг надзор и транспарентно.

Според постоечката регулатива македонските функционери може да примаат  дарови од домашни и физички лица во вредност до 20 евра, а од странски претставници и институции до 50 евра и да ги задржат, откако претходно ќе ги пријават во институцијата каде се на должност и оттаму во ДКСК, а поскапите подароци може да ги задржат единствено ако ја доплатат разликата од дозволената вредноста и вредноста на дарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот