5 C
Скопје

Кога луѓето се третираат како бројки, пописот станува пресметка

Зошто партиите на Албанците во Македонија и од власта и од опозицијата толку ги мачи процентот на попишани граѓани од албанската етничка заедница на претстојниот попис? На два месеца до оваа значајна статистичка операција, која во земјава не е спроведена близу 19 години, ДУИ и коалицијата на Алијанса за Албанците  и Алтернатива не ја кријат својата загриженост – што доколку на претстојниот попис процентот на Албанците падне под 20 проценти?

Ексминистерот за образование од редовите на интегративците Арбр Адеми за ТВ 21 рече дека ако на пописот, кој треба да се одржи од 1 до 21 април оваа година, се покаже дека Албанците се помалку од 20 проценти, тогаш тој нема да ги признае резултатите. Тој во јавноста изнесе податоци кои му биле достапни додека бил на функцијата прв човек во образованието.

– Бројот на учениците за учебната 2017/18 година е 121.272 Македонци, а 60.709 Албанци, односно 32,15 отсто – рече Адеми.

Адеми е првиот интегративец кој во јавноста ја отвори дилемата дали во партијата на Али Ахмети има единствен став за пребројувањето на граѓаните на Македонија. Потпретседателот и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, за „Слободен печат“ вели дека очекува коректен попис, кој партијата ќе го прифати.

Прочитајте и...  Шахпаска: Борбата за родова еднаквост продолжува и нема да престане​ до исполнување на целта

– Не гледам причина резултатите од пописот да не бидат признаени од ДУИ, напротив очекувам дека на овој попис Албанците ќе бидат пореално претставени. Еден од индикаторите е бројот на ученици кој го спомена поранешниот министер за образование Арбр Адеми. Така што и според бројот на учениците и според  наталитетот, Албанците се нешто повеќе од 25 проценти. Тоа се статистички податоци кои се реални. Очекуваме коректен попис кој ќе го прифатиме – рече Меџити за „Слободен печат“.

И Коалицијата Алијанса и Алтернатива во јавноста лиферува свој процент на граѓани Албанци во државата. Оттаму велат дека нивните проценки се дека на претстојниот попис ќе бидат близу 30 проценти.

– Доколку ги земеме податоците од 2002 година ние можеме да имаме сомнежи, на некој можеби нема да му одговара, некој можеби ќе каже дека сме 35-40 отсто, но ако ги земеме податоците од 2002 година и ги анализираме статистички бројките на родени и починати од 2013 до 2019 година, јас ви гарантирам дека не се помалку од 29 отсто, туку над 29 отсто – изјави пратеникот од АА, Халил Снопче.

Прочитајте и...  ВИДЕО I ОН: Околу 200 демонстранти во обрач на безбедносните сили на Мјанмар

Политикологот Петар Арсовски за „Слободен печат“ вели дека ние не знаеме колку има етнички припадности во Македонија, бидејќи според последните информации од Државниот завод за статистика, сериозен е бројот на граѓани на Македонија, и Македонци и Албанци, коишто се иселени во последните 10 години. 

– Самото иселување не значи дека ќе го смени етничкиот состав, но ја забрзува потребата од попис. Мислам дека Албанците се загрижени дека луѓето кои се на привремена работа во странство нема да можат да се попишат како резиденти имајќи предвид дека е возможно во време на пописот да не бидат физички присутни таму каде што ќе се попишува. И второ, етничките групи во Македонија немаат доверба една во друга. Албанците мислат дека Македонците ќе го изманипулираат пописот за да излезат под 20 отсто, а Македонците се плашат дека Албанците ќе бидат вештачки „надуени“ поради политички договор. Што е решение? Да се воведат стриктни професионални стандарди како ќе се попишува, пописните податоци да се вкрстат со базата на податоците од интегрираното гранично управување, да се применуваат строги статистички стандарди за тоа кој како ќе се попишува, на тие што навистина се резиденти да им се овозможи да се попишат дури и ако моментално не се присутни, а на оние кои не се резидентни, да им се оневозможи лажно да се претстават како резиденти. Тоа да важи и за Македонци и за Албанци. Пописот не е Избирачки список на луѓе кои имаат државјанство или право на глас каде ги има сите, пописот е пресек на моментално присутните граѓани во државата – вели Арсовски.

Прочитајте и...  Ковид-19: Кантонот Сараево под клуч за викенд на поради влошена епидемилошка ситуација

Короната го осуети гласањето за законот

Во Собранието, законот за попис чека да биде усвоен од пратениците. Мнозинството го нема потребниот број гласови бидејќи еден пратеник од редовите на СДСМ е заболен од коронавирус.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Законот за попис нема да го поддржат бидејќи не е според европските стандарди, односно не треба да се попишуваат „државјани“ како што пишува во предлог-законот туку резидентни граѓани.

– Доколку се донесе Законот за попис  во Собранието, ќе ја почнеме процедурата за собирање потписи, со што ќе се бара поништување на законот и носење на закон што ќе влее доверба за статистичка, а не политичка операција – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Поврзани вести

Царовска: Состојбата во училиштата е стабилна, не се размислува за поинакви мерки

Слободен печат

Едномесечно бебе најмладата жртва од ковид-19 во Грција

Слободен печат

ВИДЕО | Каровска: Шокантни се одговорите на полицијата кога жените пријавувале родово базирано насилство

Каракачанов повторно провоцира: Го честиташе 8 Март со карта на Санстефанска Бугарија во која спаѓа и Македонија

Слободен печат

Панама усвои закон за борба против политичката дискриминација врз жените

Слободен печат

Пановски за Слободен печат: Овој полициски час го предлагав уште во октомври

Михаило Донев

Остави Коментар