Кога корупцијата ќе ги изеде сопствените деца

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Минатонеделното притворање на Драги Рашковски (& Co.) и изгласувањето во Собранието (без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ) на новата Национална стратегија за спречување на корупцијата за наредните 4-5 години, доаѓа како уште еден „врв“ на интересот на јавноста во Македонија за темата за која и така постои висока јавна перцепција дека „нема напредок“, дека „и овие се исти како претходните“ и „како и оние пред нив“ и дека нема (да има) власт во Македонија што може да биде некорумпирана.

Точно. Тој јавен впечаток е исправен и ќе остане таков сè додека темата на корупцијата се третира на погрешниот начин на кој, со години, се „бориме“ против неа. За сликата да биде комплетна, се потруди и Американската амбасада во Скопје која вчера издаде соопштение во кое, на истата линија на погрешност, испрати порака до локалниве политички елити дека е „време да се фокусирате на имплементација на стратегијата и важната работа која претстои во борба со корупцијата – клучен фокус на нашето стратегиско партнерство“.

Бла-бла-бла…

Зошто е ова „бла-бла-бла“?

Прилично одамна, многу попаметни од мене, заклучиле дека корупцијата не е болест на поединечните или групните клептомани во и околу власта, туку симптом на состојбите во општеството. Кога се јавува во помасовни размери – за потоа да се третира дури и како дел од „менталитетот“ на некоја заедница – корупцијата, всушност, симптоматски укажува на тоа дека општеството е соочено со долгогодишна (обично и повеќегенерациска) нестабилност, неизвесност и непредвидливост, што тера многумина својот општествен статус да го стекнат, да го заштитат и да го унапредат на „нередовен“, брз, рискантен, но за многумина исплатлив начин. „Једном се живи!“, кого ќе го фатат (Рашковски, можеби) го фатиле, но многумина други се обидуваат – и сигурно ќе го прават тоа и во иднина – својата вертикална социјална мобилност да ја обезбедат со корупција, а не со инвестирање во трајни вредности и однесувања, како што е тоа во „нормалниот“ свет.

На пример, во „нормалниот“ свет инвестицијата во макотрпно и добро образование, најчесто, се исплати на среден и долг рок; овдека знаеме дека тоа не е така и „инстантната“ корупција (партиска книшка, непотизам, поткупи итн.) е тука како иљач и крунски доказ за болеста, а не како симптом на образовната состојба со „болното племе“. Па, следствено, ако ФОКУСОТ (како што тоа, бездруго добронамерно, но сосема погрешно го бараат и Американците од нас) го ставиме врз борбата со корупцијата во и околу образованието, а не врз реформата на самото образование и комплексната реформа на сите последици што произлегуваат од добро/лошо образование – сме го утнале фокусот!

Добро, добро, знам дека ова може да звучи како тупавење околу дилемата за тоа што е попрво, кокошката или јајцето; но, всушност, тезата ми е дека се работи за петелот: политичарите во хиерархијата на своите активности и така го имаат инстинктот прво да се фаќаат за најгорливите проблеми (корупцијата), а не за најважните проблеми (широките општествени реформи), па ако им се наметне погрешниот ФОКУС во политиката, тогаш со сигурност може да се очекува дека „борбата со корупцијата“ одново – ќе фалира!

Тезата, имено, формулирана и пред да се сетам јас на неа, е дека „корупцијата не може да се измери и, во таа смисла, антикорупциските мерки не можат објективно да се оценат“. Следствено, бидејќи се работи за необјективна јавна перцепција, борбата против корупцијата станува политичка операција на односи со јавноста.

Со други зборови, кога јавноста, на која ѝ е преку глава од долгогодишни неуспешни општествени реформи, сака ФОКУСИРАНИ РЕЗУЛТАТИ во однос на борбата со корупцијата, политиката е секогаш тука тој фокус на разочараната јавност од спороста на либералните реформи да ѝ го испорача: Груевски, со растечка прогресија, апсеше пред камери (а сега веќе и знаеме, со уште побрза прогресија, што сè правеше „зад“ камерите), а Заев тој фокус само го „демократизира“ со измислување на потпретседателско владино место за борба со корупцијата или со прогресирачко постојано (точно) мантрање дека „никој не е над Законот“, дури и во истата реченица кога јавно го брани интегритетот на тукушто притворениот личен советник и до неодамна секретар на Владата на РСМ.

Да не бидам погрешно сфатен, не мислам дека борба против корупцијата не треба да има – напротив! – и дека примарниот акцент во таа борба не треба да бидат средните и високите ешалони на власта, од Заев (и со него), па надолу! Туку само сакам да посочам дека опасно се приближуваме кон точката кога (и) оваа власт ќе се мери САМО според фокусот, од скандал до скандал, што го става врз краткорочната „проектна“ борба со корупцијата и бројот на истраги и уапсени функционери, а не врз резултатите (кои, објективно, се мерливи и ги има) во реформирањето на македонското општество.

Така политиката ќе се сведе (ако веќе не е тоа) на популистичко задоволување на одмаздољубивите орди на фејсбук и на жестоките меѓупартиски пропагандни пресметки, што не само што е тотално погрешно – туку може, со добар ПР, да даде и продуктивен резултат за останување на власт! Ни треба ли таква популистичка власт, во која корупцијата секако нема да биде помала од ова што е денес, а скепсата кон демократијата, воопшто, само ќе се продлабочува?!

А, ФОКУСОТ на оваа Влада би требало да биде прогресирање на Македонија од посткомунистичкиот, по дефиниција корумпиран, политички капитализам кон, по дефиниција помалку корумпираниот, пазарен капитализам, за да се одлепиме од авторитарните модели на глобалниот капитализам, кон либерално-демократските модели на глобалниот капитализам. (Без разлика кој што мисли за капитализмот, како таков… Но, тоа е веќе „друго дваесет“.)

Којзнае, можеби успеав да објаснам што сакам да кажам, пред да бидам цинично растргнат како „само уште еден корумпиран новинар“ во постоечкиот, имено, нереформиран, македонски медиумски систем…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот