Кога ќе се поклопат 25 Мај и 5 Март

Поданичките народи сакаат јаки лидери, но култ на личноста нема да има доколку тие тоа не го сакаат. Александар Вучиќ го сака токму тоа

Полека, на радост на поданички настроениот народ чиј е убедливо најомилениот политичар и со нечуен отпор на политичките ривали, Александар Вучиќ го скулптурира култот на сопствената личност.

Лидерот на владејачката Српска напредна странка за изненадувачки кратко време, за само една година откако во 2012 година стана прв потпретседател на Владата, успеа да се наметне како неприкосновен арбитар на српската политика.

Секојдневно ги крши уставните овластувања на претседателот на републиката и гради апсолутистичка власт, свесен дека Србите сакаат да создаваат предводници, да им се воодушевуваат на властодршците, да ги воздигаат во ѕвезди, да им припишуваат божествени својства и непогрешливста на римскиот папа.

Помалку ми пречи идолопоклоничкиот однос на непросветениот народ, а се повеќе Вучиќевата сè поочигледна склоност за градење на култ на личноста, иако тој самиот вети дека нема да биде така. Кон крајот на октомври 2013 година, напишав колумна инспирирана од предлозите Вучиќ да биде прогласен за почесен граѓанин на Лепосавиќ, а потоа и на Лесковац. Се препознаваа евтините плебисцитарни лицитирања кои, инспирирани со времињата на Јосип Броз, би можеле да ја збогатат историјата на називот на Ужице: Ужице – Титово Ужице – Ужице – Вучиќево Ужице.

– На Вучиќ е сега, заради него, но и повеќе заради нас, да го прекине тоа милно или лицемерно додворување кое го обиколува од сите страни – напишав тогаш – Не ни требаат нам нови татковци на нацијата, политички патријарси. Вучиќ е прв што не смее да дозволи Србија да стане Вучиќева Србија.

Акцентирав тогаш дека народот може да се однесува полтронски колку сака, но до култот на личноста нема да се дојде доколку субјектот на идолатријата и глорификацијата тоа го отфрли. Ден подоцна, Вучиќ ми се јави на мобилниот телефон – за да ми се заблагодари. Ја разбрал суштината на пораката, уверувајќи ме дека нема такви амбиции.

Секако дека следам што работи и што говори. Со години го зацврстуваше новиот модел на авторитарна власт која ЕУ не сакаше да го препознае. Работеше на три фронта: политичкиот, медиумскиот и популистичкиот.

Додека беше премиер на седниците на Владата се однесуваше како одделенски наставник, со таа разлика што пред него не се наоѓаа ученици туку министри. Го воведе и го сочува стравот во комуникацијата и со најблиските соработници кои постојано му се додворуваа и му се воодушевуваа. Сите повисоки функционери на СНС, но и сите од власта, буквално го глорификуваат, претставувајќи го како апсолутен, непогрешлив авторитет. Министрите не пропуштаа во секои две реченици понизно да ја пофалат генијалноста на шефот. Треба на сите јасно да се покаже кој е газда. Таквата ароганција се пренеси и во Собранието.

Се стави под лична контрола. Режимските медиуми за неговите одлуки објавуваат панегерики и истураат оган врз политичките ривали. Системски се елиминира секој критички збор, а на противниците отворено им се испраќаат заканувачки пораки. Загадувајќи го јавниот простор, култот на личноста бесшумно се протна преку весниците, радијата и телевизиите.

Во јавноста се однесуваше како некој на кој мораат сите да му веруваат. Во состојба е да падне во оган, а неколку пати речиси и се расплака пред камерите. Што може народот да заклучи: зарем некој толку чувствителен, навистина може да биде лош?

Градеше систем во кој култот се спушта по вертикалата на власта. Како некогаш ка комунистичките шефови на разните комитети, така почнаа да се однесуваа велможите на владејачката партија и локалните напредњачки кметови.

Вучиќ не ја отфрли „понудата“ на народот која се темели на прилично врежаниот став дека на Србија ѝ нема спас без цврста рака, без некој просветителски автократ. Притоа како аргумент се користеше природата на колективниот менталитет. Писателот Светислав Басара во едно интервју рече: „Србија до таа мерка е пропадната и корумпирана земја, што би можела да ѝ помогне само диктатура“.

Вучиќ е тука да помогне. Времето на кризата секогаш му годи на создавањето на култот, појавувањето на архетипниот спасител за кој народот воздивнува. Претседателот не ја испушта позицијата на своевиден спиритус мовенс, човек околу кој сè се врти, кој знае се и кој може се. Не го викаат случајно „господар Вучиќ“.

Седум и пол години подоцна од мојот текст, овој 5 март, напредњачките активисти закачија билборди во Ниш, Пирот и во должина на автопатот: Среќен роденден претседателе. Во зградата на претседателството во Белград  на децата од Грачаница им се оствари сонот. Нивниот хор на славеникот му испеа песната „Ние сме децата на небото“.

Тортата недвосмислено потсетуваше на иконографијата на Ким Џонг Ун. Лицидерскиот претседател во средина, а околу него деца во народни носии насобрани по две табли – Косово и Метохија и Србија. Втората торта во облик на Пеќката патријаршија.

Штета што е корона. Можеби би имало и штафета и слет како некогаш за 25 мај роденденот на другарот Тито. Ќе имаше и концерти и работнички игри. Секако и бесплатни шишиња со вода и сендвичи, востановеното наградно мени на рент-а-народот кој Вучиќ го носи со знаменциња да му се восхитува на митинзите по плоштадите или фабричките дворови по Србија.

Граѓаните, засега не се вадат на улица за да мавтаат со знаменца кога проаѓа нашата гордост.

Вучиќевиот култ на личноста секако дека има повеќе заедничко со макијавелизмот отколку со сталинизмот, некако е повеќе во софт форма, но со оскудна човечност, без чувства за мерка и уважување на правата на другите, со нагласен месијански комплекс, наметнување и склоност за секакво претерување.

Како и да е, но претседателот покажува дека одлично знае каков му е народот. Желен е за идолопоклонство. Со таков народ Вучиќ како надарен пастир среќно и весело може да си го чува стадото до крајот на животот.

Видео на денот