Кога ќе паднат критериумите, настапува насилство и мрак

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Ние бевме, односно мојата генерација од времето на „социјалистичкиот рај“ беа, во некоја смисла, да речеме, „градски деца“: стрип, музика, баскет, и воопшто немавме поим какви сè не луѓе постојат во оваа земја, сè додека не го напуштивме својот роден град, односно кога човек ќе ја напушти својата „традиција“. Во тоа време, некаде во почетокот на 90-тите за мене голем град беше Скопје. Идејата на овој текст не е јас да пишувам како сум го напуштил мојот град, туку сакам да кажам што значи кога ултраконзервативен радикал ќе заседне на власт, односно сè додека таквите не заседнат на власт, ти, братко мил, немаш врска каков живописен свет живее во оваа земја.

И тој свет не е некоја општествена маргина, туку е опремена со врски, амбиции и властољубие. Ама затоа некако успева да се „протне“ низ животот, а никогаш не се оспособува за некоја достојна, професионална и граѓанска референца што влева почит, всушност не се одликува (или разликува?) со ништо што ти би го препорачал, дури и кога би го избирале за претседател на куќен совет, а не пак за нешто повеќе. Едноставно речено, тие луѓе и понатаму остануваат „безвезњаци“, апсолутно ништо, сè додека со декрет не се промовираат во „нешто“. Зарем не мислите дека ништо добро не може со декрет да се промовира…? Во ред, знам каде и со кого живеам, ама, сепак, дури и меѓу сдсмовци има силни и компетентни луѓе од своите професионални области, но има и репертоар од разни битанги и „муфљузи“, ама однадвор, од страна, во јавниот говор и во јавните приоритети – СДСМ изгледа пристојно и релативно нормално, што од друга страна на човека не му претставува срам и комотно може да каже дека се наоѓа помеѓу пристоен свет.

Ова, пак, што денес се обидува да дојде на власт персонифицирано во ликот на Груевски и гласот на Мицкоски, да ми простите, ама ова е еден очаен талог од дното на лонецот. И не знам сега што вие очекувате да кажам кога го слушам Мицкоски што зборува – аман, по ѓаволите, каде ги наоѓате овие луѓе?! Од сите тие луѓе што денес врескаат што не им чини во оваа земја, имам впечаток дека никој не ја поминува „безбедносната“ проверка!

Омнипотентниот надвојвода од Будимпешта

Не му е лесно ниту на оној Омнипотентен надвојвода што се наоѓа во Будимпешта, ама за тоа требаше да мисли кога ја правеше партијата (читај, машината!), а со тоа ја упропастуваше државата. Но, сега, денес, за тоа е веќе предоцна. Дури и според волјата на Заев – во која не се сомневам во неговите исправни намери – Македонија денес е производ на груевизмот: тоа што чинеше или отиде од земјата, или се пацифизирало, или се ангажирало во партии од демократско граѓански профил, а радикално-конзервативната партија на Мицкоски својата шанса ја бара сè уште во ниските критериуми. Мачна и погана екипа, во секој случај.

Кога ќе го потрошиш најдоброто во својата земја, тебе ќе ти останат добрите, кога ќе ги потрошиш добрите, тебе потоа ќе ти останат солидните, кога ќе ги потрошиш и солидните, тебе потоа ќе ти останат просечните, кога ќе ги потрошиш и просечните, тогаш тргнуваш да гребеш со лажицата, трагајќи и гребејќи во потрага по „најдобриот гулаш“, а гледаш и самиот, не си глупав, толку е содржината и квалитетот.

Да речеме, „во оваа земја нема правда“, вели Мицкоски. Добро, да го поставиме прашањето обратно: по што (или со што?) е познат овој човек во нашето општество, освен што земал некакви бизарни хидроцентрали? Мислам, навистина, луѓе драги, со што е Мицкоски познат во нашата јавност? Јанушев, тој опскурен тип – што добро направил за заедницата, за општеството? Антонио Милошоски, што пак тој направил нешто добро за сите нас, нешто важно, нешто значајно? Што е она кое него го верификува како добар и угледен благородник во општеството?

Насилнички профил

Да не се лажеме: на овие луѓе јавниот профил им е насилнички, само треба да им дадете власт. Имено, гледате и сами, сите овие луѓе кои погоре ги спомнав, а и сите нивни претходници беа луѓе кои ги кршеа законите и луѓе кои го суспендираа правото и правната држава. Голтнете за момент водичка пред да почнете да размислувате за значењето и консеквенциите на таа опозиција која гребе на следните парламентарни избори за да стане власт.

Размислете добро за реперкусиите што од нивното доаѓање на власт ќе значи за правото и правната држава, веќе кога на сите им се преполни устите за „правото и правната држава“. Размислете каква среќа ќе ја огрее оваа земја ако само за момент се опуштиме и заборавиме што преживеавме во овие дванаесет години груевизам. Размислете добро, затоа што сепак, оваа земја некое парламентарно мнозинство, по 12 април, ќе конституира влада и ќе ја води оваа земја.

На крајот, не е неважно, да се потсетиме: „Секоја одлука“, велеше Кант, „има и својата последица“. Таа последица може многу скапо да нè чини. И сосема е возможно таа цена овојпат да не може да се испорача ако само за момент се опуштиме и не внимаваме доволно добро. Јас знам што ќе одберам. Знам што ќе одберам, затоа што јас тие луѓе ги познавам, и знам што можам да очекувам од едните, а знам што можам да очекувам од другите. И таа разлика е ужасно важна,  затоа што не сакам повеќе да ги проживувам истите мачни работи кои ги проживеавме сите заедно овие цели 12 години груевизам. Јок, море!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот