Кога ќе ја снема причината за законот, исчезнува самиот закон

Фото: Принтскрин

Веќе подолг период нештата не се прават како што треба. Некои работи може да се поправат, некои може да се модификуваат, а некои работи ќе мора да ги почнеме од самиот почеток затоа што се поставени на сосема погрешни темели и едноставно не можат да опстојат.

За Македонија да стане држава во значењето кое овој поим го има на актуелното цивилизациско ниво од развојот на човештвото, меѓу другото треба:

– министрите да научат да работат со министерствата, а не со неколку свои другарчиња (во моментов најголем број од министрите немаат поим од содржината со која се занимава конкретното министерство, немаат искуство во организацијата на работата, не знаат што да прават со вработените, соработуваат со еден-двајца, а најблиски соработници им се вообичаено техничката секретарка и шоферот);

– јавното добро да биде заштитено на еднакво (ако не и на повисоко) ниво од приватната сопственост (во моментот јавното добро се третира како ничија сопственост која може да се продава, изнајмува, дава под концесија без никаква одговорност за тоа што се случува со неа);

– да биде воспоставено институционално помнење кое задира барем 20 години наназад (во моментот секој кој ќе дојде на власт почнува од нула, а сѐ што е направено во министерството или се отфрла како потполно спротивно на актуелната политика или едноставно не постои по заминување на секретарката која ги чувала фајловите во своето шкафче);

– партиската книшка да нема апсолутно никаква врска со вработувањето и со кариерното напредување (во моментот не е потребна никаква друга квалификација, знаење, вештина, искуство, потреба, освен припадноста на конкретна политичка партија).

 

МН: Како државата да стане демократска

 

За Македонија да стане демократска држава во значењето кое овој поим го има на актуелното цивилизациско нив, меѓу другото, треба:

– парламентарците да имаат свое мислење, доволен интелектуален капацитет да знаат за што гласаат и доволен морален капацитет да се спротивстават на неправото (во моментот парламентарците се обични марионети или платеници на партискиот врв кои добиваат детални инструкции за што, како и колку да гласаат, да зборуваат, или да не зборуваат);

–  бенефициите на  функционерите во власта да бидат поставени во релација со глобалниот економски капацитет на државата и нивото на сработеното (во моментот функционерите своите плати и други примања ги доживуваат како награда за дотогашните партиски активности, а одговорноста ја сведуваат на одговорност за исполнување на зададените задачи пред партискиот врв);

– демократскиот избор во исто време да значи и демократска контрола над секоја активност, секој збор, секое дејствие, секое трошење, над секоја грешка во спроведувањето на надлежностите (во моментот демократскиот избор значи одврзани раце, неконтролирано владеење и потполна неодговорност за било која активност – за трошење на парите, за искажани ставови, за прекршувања на законите);

– да биде поставена јасна граница помеѓу партијата и државата (во моментот ваква граница не постои и во државните институции наместо административна се воспоставува партиска хиерархија, а односот помеѓу власта и опозицијата е цело време на ниво на изборна борба и на изборни памфлети).

 

МН: Како Македонија да стане правна држава

 

За Македонија да стане правна држава во значењето кое овој поим го има на актуелниот степен од општествениот развој, треба:

– законите да се носат во редовна процедура која овозможува широка расправа (во моментот огромен број закони се носат по скратена постапка, без суштинско учество на јавноста, а многу често и без знаење на јавноста);

– законите да се носат затоа што созреале условите за регулирање на одредена материја на соодветен начин и да траат со години (во моментот законите се носат со цел легализирање на секоја, а често и неправна, активност на владејачката структура и важат сѐ до следната потреба на оваа структура);

– во законите е предвиден понизок праг на толеранција за прекршувања на правилата направени од страна на функционерите и раководниот кадар во државата (во моментот постои систем на неказнивост и висока заштита на кој било функционер во централната и во локална власт од одговарање за направени прекршувања на законите);

– да постојат независни контролни механизми што имаа капацитет и моќ што ги прави застрашувачки за кој било што ја држи власта (во моментот, контролните механизми се партиски диригирани, потполно немоќни и нивното делување е сведено на медиумски настап или на ниво на делување на здружение на граѓани).

Има многу причини поради кои Македонија е на ова дереџе од развојот, меѓутоа резултатот е очигледно негативен. Очигледно веќе подолг период нештата не се прават како што треба. Некои работи може да се поправат. Некои работи може да се модификуваат. А, некои работи ќе мора да ги почнеме од самиот почеток затоа што се поставени на сосема погрешни темели и едноставно не можат да опстојат.

Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот