Кога инвеститорот е „непослушен“, на потег е Општина Центар: Од утрово се затрупува градилиштето зад Универзална сала

Фото: Општина Центар

Екипи на Општина Центар со асистенција на полицијата денеска започнаа да го затрупуваат градилиштето зад Универзална сала, откако ниту два месеци по изреченото решение од општинскиот градежен инспектор, инвеститорот и изведувачот не го вратија земјиштето во првобитната состојба.

Во март, поради необезбедена јама на градилиштето се урна дел од улицата 9 Мај, а жителите од околните згради стравуваа дека и нивните објекти ќе претрпат сериозно оштетување. Поради тоа, Општината го затвори градилиштето, просторот беше ограден со жолта лента, што не претставуваше пречка изведувачот да продолжи со градежните работи.

Општинскиот градежен инспектор тогаш, како што беше соопштено од Општина Центар, им изрече и пет казни на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и на изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, во вкупен износ од 12.500 евра во денарска противвредност, за небезбедното градилиште.

Според градоначалникот Горан Герасимовски, инвеститорот постапувал спротивно од дозволата за градба, поточно јамата што требала да се направи не била направена според градежното решение, не биле поставени таканаречени „шипови“ за заштита и стабилизација на земјиштето поради што околните згради не биле заштитени, потоа наместо две подземни нивоа за гаражи, било изведено само едно.

Во оваа држава постојат закони и тие мора да ги почитуваат сите. Секој оној кој што ќе го прекрши законот ќе биде санкциониран. Тоа се случува и денеска на улицата 9 Мај – рече Герасимовски.

Резултат на ова и на непочитување на решението на градежниот инспектор е денешното затрупување на градилиштето, со што Општината го враќа земјиштето во поранешната состојба. Герасимовски вели дека ќе се преземат сите законски постапки против инвеститорот, а потоа ќе се решава и за тоа дали ќе му се одземе  градежната дозвола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот