Кога и зошто ајкулите ги напаѓаат луѓето?

Фото: Профимедиа

Светот, особено туристите, беше погоден од веста за смртта на две жени, кои ајкули ги убија во Египет во близина на Хургада. Плажата Сахл Хашиш е затворена за пливање и нуркање до понатамошно известување, а мештаните почнаа да шпекулираат што би можело да биде причината за нападот на ајкулите, кои се, инаку, многу ретки во Црвеното Море. Од 1828 година, забележани се 22 напади.

Ненадејното насилство што го следи нападот на ајкула е застрашувачко искуство за жртвите, но дали ајкулите навистина се чудовишта што го сакаат вкусот на човечкото месо? „Деведесет отсто или повеќе од нападите на ајкули се последица на грешка. Тие претпоставуваат дека сме нешто што не сме“, вели Гери Адкисон, нуркач.

Иако нападот на ајкула може да изгледа брутално, важно е да се запамети дека ајкулите не се зли суштества што постојано бараат луѓе за напад. Тие се животни што се служат со инстинкти, како и сите други. Ајкулите се родени да ловат и да јадат огромно количество месо. Ајкулата се храни со други морски суштества, главно риби, морски желки, китови и морски лавови или фоки. Луѓето ги нема на нејзиното мени. Всушност, луѓето не обезбедуваат доволно мрсно месо за ајкулата, на која ѝ треба многу енергија за да го придвижи своето големо, мускулесто тело.

Тогаш зошто ги напаѓаат луѓето?

Првиот траг може да се најде во образецот според кој се случуваат повеќето напади. Во повеќето случаи, ајкулата ја гризнува жртвата, останува неколку секунди (влечејќи ја жртвата низ водата или под површината), а потоа ја пушта. Многу ретко се случува ајкулата да изврши неколку напади по ред за да се нахрани со човечката жртва. Ајкулата греши во процената дека човекот е нешто што таа обично го јаде.

Откако ајкулата ќе го почувствува вкусот, сфаќа дека тоа не е нејзината вообичаена храна и потоа го пушта. Збунетоста на ајкулата е полесно да се разбере откако ќе почнеме да ги гледаме работите од нејзина перспектива. Многу жртви на напади се сурфери или луѓе што користат буги даски. Ајкула што плива долу, гледа груба овална форма со раце и нозе што висат и веслаат. Тоа ја потсетува на морски лав (главниот плен на големите бели ајкули) или морска желка (вообичаена храна за тигрестите ајкули).

Напади исто така често се случувале и кога луѓето ловеле со копја во океанските води. Ајкулите ги привлекуваат знаците што ги испраќа рибата што умира, мирисот на крвта во водата и електричните импулси што се ослободуваат додека рибата се бори. Ајкулите ги регистрираат овие сигнали. Откако ќе пристигне ајкулата, таа станува иритирана и агресивна во присуство на толку храна. Гладна, возбудена ајкула лесно може да го помеша човекот со својот вообичаен плен, пишува „Национална географија“.
Има случаи кога ајкулите нападнале како резултат на агресија наместо глад.

Иако ајкулите имаат многу добар вид, меѓутоа, во матните води, предаторите може да се збунат.

Се верува дека, особено во плитките води во близина на брегот, ајкулите се збунуваат затоа што ловат поситни риби. Во потрага по јата риби, кои пливаат до плиткото, може да наидат, на пример, на нечија нога. Во повеќето случаи ваквите „средби“ завршуваат само со едно гризнување, по што ајкулата бега.

Зошто тогаш нападите се случуваат и на поголема оддалеченост од брегот?

Кога станува збор за големите бели ајкули, кои заедно со бик и тигрестите ајкули ги сочинуваат најголемите и најопасните видови што ги напаѓаат луѓето, постојат докази дека тие ги испитувале туѓите објекти во водата. Повеќето од нападите не покажале дека ајкулите поседуваат спектакуларни техники на лов, како кога ќе тргнат во лов на фоки.

Кога фоките се на менито, белата ајкула ќе се приближи одоздола со голема брзина, обично излегувајќи и на површина и ќе ја удри жртвата со голема сила пред да се почести со неа. За споредба, нападите на луѓето се секогаш помалку експлозивни, а понекогаш капачите дури и не забележуваат дека се во опасност. Дури и кога ќе му нанесат сериозни каснувања на пливачот, тие си заминуваат незаинтересирани.

Затоа експертите понудија друго решение – ајкулите се суштества способни за напад, но и љубопитни, бидејќи тие се доминантни предатори во повеќето океански екосистеми, поради што и не се плашат.

Нивната вилица служи и како сензор што ги поттикнува да „испитаат“ непознати предмети за да утврдат дали тие би можеле да претставуваат добра храна.

Како напаѓаат?

Ретко постои некое предупредување. Сурфер или пливач што весла нема поим дека тоа ќе се случи. Понекогаш првиот показател дека нешто не е во ред е стравот на лицето на блискиот пријател. Почесто, првиот знак е ненадеен, масивен удар од ајкулата што се фрла кон жртвата.

Големите бели се всушност многу пребирливи што се однесува на храната. Одбиваат да гризат работи што обично не ги јадат, како лебдечки трупови од овци, откако првпат ќе ги вкусат.

Сепак, постојат многу видови ајкули, а не сите ајкули го следат истиот модел. Околностите исто така можат да го променат моделот на напади. Нападите на ајкула во длабока морска вода обично не се напади со „удри и бегај“. Во овој случај, каде што жртвите обично се преживеани од тонење на бродови или авионски несреќи, ајкулите ја опкружуваат областа. Тие потоа удираат жртви што се надвор од групата или оние што се веќе ранети, пред да гризат.

Сепак, жртвите од напад на ајкула обично не умираат од ненадејна траума. Тие обично искрвавуваат до смрт. Потребни се неколку минути за жртвите да стигнат до брегот, а уште повеќе време за да пристигне брзата помош. Разликата меѓу животот и смртта обично лежи во тоа дали постои некој што знае како да спречи големо губење крв, бидејќи секоја секунда е важна.

И покрај многубројните медиумски извештаи, експертите секогаш истакнуваат дека таквите напади се всушност многу ретки и уште поретко фатални. Иако бројот на забележани напади е во пораст во последниве години, по глава на жител тоа не е така.

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Ајкула нападна жена во Египет, луѓето беспомошно гледаат

ВИДЕО: Освен Австријката во Хургада од ајкула настрада и друга жена на 500 метри од неа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот