Кога горат шумите и туристите бегаат, државата треба да ја исправи негативната слика за огнената стихија
Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за „Слободен печат“, вели дека пожарите главно негативно влијаат врз туризмот, па затоа се потребни јасни и смирувачки пораки од локалните и државните авторитети за да се покаже дека тие во никој случај не ја загрозуваат туристичката понуда, која останува солидна, квалитетна, разновидна и одржлива
Македонските туристи во Шенѓин, Албанија, Суто Море, Црна Гора се безбедни и продолжуваат со своите одмори, брифираат за „Слободен печат“ од неколку агенции кои имаат таму гости. Пред неколку дена во Шенѓин, изгореа кафеана и куќа на три ката, за среќа немаше настрадани. Дел од туристите и жителите, кои биле сместени во близина на пожарот, биле евакуирани, а беше забележано и дека дел од летувалците масовно го напуштале градот.
Од нашите агенции, велат дека не е потребно да се шири паника и дека нашите сограѓани не треба да се колебаат дали воопшто да тргнат на одмор од безбедносни причини. И за аранжманите за Црна Гора нема откажувања, додаваат туроператорите. Од друга страна, пожарот кој го зафати Дојран го испразни градот, иако ситуацијата е ставена под контрола.
Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за нашиот весник, вели дека пожарите генерално негативно влијаат врз туризмот, па затоа се потребни јасни и смирувачки пораки од локалните и државните авторитети за да се покаже дека тие во никој случај не ја загрозуваат туристичката понуда, која останува солидна, квалитетна, разновидна и одржлива.
– Ваквите појави испраќаат општа и лоша слика за земјата од аспект на безбедноста. Затоа треба јасно и гласно да се повторува дека нашите туристички центри не се загрозени од огнената стихија и дека туристите треба да бидат спокојни. Очекувам смирувачки тонови од локалните и државните власти и побрза и навремена реакција за да се спречи потенцијалниот одлив на туристи. Она што е позитивно во целиот овој неспокој е дека немаме откажувања за веќе договорените тури – додава Јаневски.
Според неодамнешното истражување на Европската комисија за патувања (ETC), само седум отсто од испитаниците рекле дека екстремните временски услови се нивната најголема грижа за одмор. Дури 82 отсто од испитаниците во истражувањето на Евробарометар изјавиле дека би биле подготвени да ги променат своите патувачки и туристички навики со цел да поддржат поодржлив туризам, на пример со консумирање локални производи (55 отсто), избирање еколошки транспортни средства (36 проценти), трошење повеќе за заштита на животната средина (35 проценти) или за доброто на локалната заедница (33 проценти). Сепак, факторите на животната средина беа меѓу најмалку важните показатели според кои туристите ја избираа својата дестинација: културна понуда (44 проценти), природни убавини и цени (по 43 проценти), проследени со достапни активности (30 проценти), лесен пристап (24 проценти), како и информации за здравјето и безбедноста (20 проценти) и еколошки практики (15 проценти).
– Туристичката индустрија само што почна да закрепнува од деловната катастрофа предизвикана од пандемијата, па ваквите сцени не ни одат во прилог. Сепак, шумските пожари во целиот свет се јасен сигнал дека туроператорите ќе мора да ја приспособат својата стратегија на идните топлотни бранови – поентира Јаневски.
Поранешниот директор на АППТ оценува дека пред новото Министерство за култура и туризам, има големи предизвици. Тој очекува туризмот во 2028 година да донесе 1 милијарда американски долари и повеќе од 4,5 милиони ноќевања во Македонија.
– За ова да не претставува само желба, потребно е да се земат во предвид големиот број проекти за дигитализација, туристичка инспекција, туристичка полиција, стратешки развојни проекти за туризам, нов циклус за инвестиции, нов модел на субвенционирање и се тоа да се гради на веќе поставени примери. Платформата за дигитализација во туризмот и моделот за субвенционирање на домашни туристи е поминат на владини седници во 2022 и 2023 година, но се уште не се имплементирани најмногу поради отсуство на политичка визија за туризмот. Затоа, падот на домашни туристи е логичен, бидејќи стануваме неатрактивна дестинација споредбено со регионот. Во моментот, нашите агенции речиси и немаат мотив да закупуваат сместувачки капацитети дома или да продаваат викенд аранжмани – вели Јаневски во интервју за Иновативност.мк.