Кога антиваксерите се споредуваат со Евреите

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Етички бескрупулозните манипулации на антиваксерите и на десните екстремисти се средство да се демонизира државата и политиката, за да стане логична теоријата на заговор, според која политичарите подготвуваат нов геноцид врз човештвото, сличен на оној што се случил во Аушвиц.

Неодамна на антикорона-демонстрација во Берлин еден од антиваксерите ги спореди пандемиските мерки со прогонот на Евреите во Третиот рајх. Вакви тврдења се среќаваат и кај македонски антиваксери. Пред некој ден еден од нив тврдеше дека „Хитлер бил поодмерен и фер кон Евреите“, за разлика од денешните застапници на вакцината против коронавирусот.

Очигледно на македонскиот антиваксер не му е јасно дека неговата изјава го става блиску до германските екстремни десничари и неонацисти. А за нив се знае дека се инспирирани од антисемитизмот во Третиот рајх. Тие воопшто немаат сочувство со Евреите, затоа што нивниот идол е Хитлер, туку само ја глумат улогата на „жртва“. Демонската логика на новите антисемити е уживањето во тоа на жртвата да и го одземат рангот. Да ја девалвираат со истото оружје, со кое некогаш старите антисемити ја убиле – антисемитизмот.

Двојно понижување

Антиваксерите и негаторите на коронавирусот двојно го понижуваат страдањето на Евреите. Со тоа што цинично го релативизираат, култивирајќи се себеси во иста „жртва“. Притоа самите се формирани од мисловна матрица, во чиј темел лежи антисемитизмот. Како и антисемитизмот на Хитлер, така и овој најновиот на екстремните леви и десни антисемити е инспириран од теориите на заговор за наводниот скриен план на Евреите да завладеат со светот.

Колку мора да се биде циничен, од комотноста на коментирањето на Фејсбук за да се тврди дека тој граѓанин, кому заедницата или државата му препорачува во заштита на неговото и на здравјето на сограѓаните да се вакцинира, бил изложен на истото страдање како тоа при погромот на Евреите? Како може да се биде толку заслепен за страдањето, за кое Адорно тврдеше дека нема повеќе збор во нашите јазици што би можел да го изрази? Затоа што Аушвиц ја надминува човечката способност да мисли и говори. Немисливоста, неизговорливоста на злото во Аушвиц беше токму дехуманизацијата на Евреите, нивното нивелирање на „бројка“, на штоф, на безименост.

Само тој што не е способен да се соочи со кошмарот на умот, изразен во името Аушвиц, може лежерно да се замислува себеси во улогата на Евреите, кога одбива да се вакцинира. Затоа што ништо не разбрал, ниту од историјата, ниту од целата литература и филозофија посветена на Холокаустот.

Да се има законска слобода како граѓанин да се демонстрира во јавноста, а од говорницата да се тврди дека антиваксерите го доживувале истиот погром како и Евреите, е примитивен антисемитизам. Тој што може да жонглира со поимите Холокауст, Аушвиц, „жолта ѕвезда“ и Евреи, покажува дека никогаш не сфатил што значеше тоа зло. Затоа не може да го препознае. Затоа таквите луѓе ја прифаќаат идеологијата на антисемитизмот и во сите нови митови и теории на заговор. Најбедни се оние кои овие поими ги ползуваат како несмасни метафори.

На демонстрациите во Германија против корона-мерките можеа да се видат демостранти со жолти ѕвезди, на кои стоеше „невакциниран“. Сè погласни се апелите од граѓаните и политичарите во Германија, кои бараат овие луѓе да добијат кривични пријави, како германскиот антиваксер што на својот Фејсбук-профил објави фотомонтажа со капијата на логорот Аушвиц. Врз оригиналната фотографија на која стои „Arbeit macht frei“ („Работата те ослободува“), тој ја поставил истата фотографија, но со друг натпис врз капијата: „Impfung macht frei“ („Вакцината те ослободува“). Ваквите етички бескрупулозни манипулации на антиваксерите и на десните екстремисти се средство да се демонизира државата и политиката, за да стане логична теоријата на заговор, според која политичарите подготвуваат нов геноцид врз човештвото, сличен на оној што се случил во Аушвиц. Слична е менталната матрица во чија замка паѓаат многу некритични граѓани, кога им веруваат на теориите според кои не постои коронавирусот, па затоа не требале да се вакцинираат. Затоа што целта на вакцината била тоталитарна диктатура.

Антиваксерите не го разбираат Христос

Во православните земји преку сомнителни канали се шират лажни информации според кои со вакцината се „вградувал“ чип, со кој потоа луѓето ќе се контролирале. За да стане поверојатна за верниците, таа пропаганда е спакувана во божемни пророштва. Притоа, барем христијаните би требало да знаат која е главната заповед во Евангелието: „љуби го ближниот како себеси“. Тие би требало прво да мислат да ги заштитат другите, а потоа себеси. Тие би требало да се првите што ќе се вакцинираат. За да можат да им служат и помагаат на другите. Затоа што Христос велеше дека дошол за да служи. А тоа го очекува и од тие што се нарекуваат според неговото име. Христијаните како полскиот католик Св. Максимилијан Колбе или православната Св. Мајка Марија (Скобцова) од Париз, од таква силна христијанска љубов отидоа доброволно во гасната комора на местото на Евреинот и на Еврејката во логорите во Аушвиц и во Равенсбрик.

Однесувањето на антиваксерите покажува дека тие никогаш нема да ја разберат длабоката тајна на совршената љубов, за која зборува Христос. Св. Мајка Марија од Париз дури пишуваше дека „телото на ближниот треба да ни биде поскапоцено од нашето“. Тоа го вели благородничката, големата поетеса, која во младоста се дружела со Ана Ахматова и со Александар Блок, а во емиграцијата во Париз создала прифатилиште за бездомници, за кои самата го готвела обедот. Таа православна христијанка 1945-тата, на Велипеток, само неколку недели пред крајот на војната, го заменила својот број со оној на младата француска Еврејка и заминала во гасната комора, на нејзино место. Ова паметење, кое е скапоцено за човештвото, го валкаат антваксерите кога себеси се изедначуваат со Евреите.

Интернетот им дозволува на луѓето, скриени во својата приватност, да ги ослободат сите примитивни инстинкти и деструктивни фиксации. Теориите на заговор само ги поттикнуваат полесно да ги надминат сите граници на моралот и на хуманоста. Затоа тие не го препознаваат злото кое го причинуваат самите, туку повторно го бараат во вечните виновници според старите и новите теории на заговорот – Евреите. Новиот антисемитизам е оној одамна познатиот, оној антисемитизам од „Протоколите на мудреците од Сион“, само маскиран во облеката на модерните комуникации.

Пренесено од Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот