„Кодирана уметност со фрагменти“ ќе биде поставена во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп

Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп на 3 октомври, од 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Кодирана уметност со фрагменти“, заеднички проект на Маја Ралева – Миладиновски и Драгица Ристеска, поддржан од Министерството за култура.

„Кодирана уметност со фрагменти“ е заеднички осмислен проект на двете авторки, на кој работеле во изминатиов период, а се состои од слики и уметничка инсталација.

Авторките преку комплексноста на материјалите и текстурите создаваат композиции каде со помош на бојата и светлината се создава една поинаква димензија на просторот околу нас. „Кодирана уметност со фрагменти“ е комплексно уметничко дело кое дава можност за визуелна самовизија и поттикнување на меморијата што дозволува сами да ја направите својата приказна и го зема моментот што неволно се наметнува на нашите животи. Оттука и размислувањето за создавање на „кодирана уметност“ кое се обработува во новата ера на модернизација, стои во најавата на изложбата.

– Избегнувајќи ја монотонијата од пандемиските години и прилагодувајќи се на новите правила на живеење споивме два блиски концепти и медиуми кои се некое наше видување на начинот на живеење кој несвесно ни се наметна, инспириран и тесно поврзан со кодирањето. Изминатиот период е токму тоа обележје на баркодирање, аплицирање на статистички и бирократски мерки и начин да се ограничи и делува на новото движење на целиот човечки род. Сето ова остава траги и фрагменти во низа која продолжува до недоглед, што ќе речеме приказната не завршува овде и сега. Сето ова ни сугерира несвесно на нераскинливата зависност од баркодирањето – објаснуваат авторките.

Изложбата ќе може да се посети до 13 октомври во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Видео на денот