Коцарев: Светската славистика одамна се изјаснила за македонскиот јазик, „Св. Кирил и Методиј“ треба да ги слават сите словенски држави

Професорот Љупчо Коцарев, доктор на науки, академик и актуелен претседател на Македонската академија на науки и уметности е годинашниот добитник на највисокото општинско признание што го доделува Општина Охрид – наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид"/ Фото: МИА

Македонскиот јазик има повеќевековна традиција, формиран е пред формирањето на државата Македонија, а се зборува и надвор од границите на денешна Македонија. За посебноста на македонскиот јазик од поодамна се изјаснила светската славистика, не македонската или бугарската.

Ова го истакнува претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во интервју за ТВ Телма, кој вели дека Денот на светите браќа Кирил и Методиј – 24 Мај треба да го одбележуваат повеќе држави, не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски држави и народи.

– Заедничките чествувања се европски и цивилизациски придобивки, па затоа треба да се прават врз еднаква основа, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот и без повреда на достоинството на Македонците со условувње и уцени, рече Коцарев.

Во однос на најавените реформи во образованието, Коцарев во интервјуто истакна дека МАНУ треба да даде критичка анализа на концепцијата на основното образование. Смета дека во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција која не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги најнапредните образовни земји во светот.

– Според концепцијата, во сите девет одделенија не се изучуваат посебно предметите физика, хемија и биологија, кои од една страна се основи за применети науки кои, пак, од друга страна се фундаменти за континуираниот, инклузивен и одржлив економски развој во која било држава, па така и на Македонија. Така во една од најсиромашните држави од Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителот е многу низок, се предлага концепција која можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител, рече претседателот на МАНУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот