Кочански Пејпер Мил, сепак, загадува, но Инспекторатот му дава рок од три месеца самиот да го контролира загадувањето

Пејпер Мил / Фото: ДИЖС

Кочанската фабрика за хартија енормно загадува, утврди Државниот Инспекторат за животна средина и ја задолжи во наредните три месеца редовно да ги контролира емисиите од фабричкиот оџак.

Инспекторатот денес објави дека направените мерења од акредитирана лабораторија за животна средина SGS БУГАРИЈА EOOD на почетокот на септември покажале дека кај параметарот CO-јаглероден моноксид има зголемена вредност 3422 mg/Nm3, додека пак А-Интегрирана Еколошка Дозвола, дозволува 500 mg/m3. Надминување на вредностите на јаглеродниот моноксид беа утврдени и во јули годинава, кога анализите ги правеше друга акредитираната лабораторија, ЕУРОМАК КОНТРОЛ од Скопје. Тогаш имаше уште поголеми пречекорувања, односно13598,3 милиграми на кубен метар.

Кочанската фабрика за хартија енормно загадува, утврди Државниот Инспекторат за животна средина/ Фото: Архива на Слободен печат

Државниот Инспекторат за животна средина поради зголемување на емисијата на CO-јаглероден моноксид од оџакот на котелот на пелети во фабриката, му наложи на правниот субјект, освен редовното следење на емисиите од оџакот да се направат лабораториски анализи на составот на пелетот што се користи како горивно средство во технолошкиот процес и да се доставуваат до Државниот инспектор за животна средина заради понатамошно водење на инспекциската постапка.
Инспекторатот ќе поведе прекршочна постапка против Пејпер Мил доколку не постапи по инспекциското решение, соопштуваат од ДИЖС.

„Жителите на Кочани со неверување го читаат извештајот од спроведениот инспекциски надзор во Пејпар Мил, според кој на овој долгогодишен загадувач му е дозволено уште три месеци да чади и да нѐ труе“, стои во реакцијата на граѓанското еколошко здружение Одбор за здрав живот од Кочани.

Кочанската фабрика за хартија енормно загадува, утврди Државниот Инспекторат за животна средина/ Фото: Архива на Слободен печат

Итно бараме ДИЖС да извести дали по дефектот на вреќастиот филтер, истиот е ставен во функција. Да даде на увид извештај од извршено вградување на нови на местото на дупнатите вреќи, доколку тоа е реализирано. Ако филтерот не е поправен, Пејпар Мил итно да ги смени дупнатите вреќи и за тоа да ја извести јавноста, велат од Одборот. Екологистите бараат ДИЖС да наложи вонредно мерење на емисии на прашина од страна на акредитирана лабораторија од Македонија, бидејќи претходно се случи резултатите од мерењата на македонската и бугарската акредитирана лабораторија да разликуваат, односно емисиите измерени од македонската лабораторија укажаа на повеќекратно надминување на граничните вредности за прашина, а бугарската не најде надминување.

Кочанчани, исто така, бараат резултатите од новите вонредни мерења на емисија на прашина од македонска акредитирана лабораторија што итно ќе се направат да бидат јавно објавени. „Доколку емисиите се повисоки од 50mg/m3, Пејпар Мил да се задолжи да работи на плин до доведување на емисиите под 50mg/m3“, велат од кочанскиот Одбор за Здрав живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот