Коалиција „Вреди“ одговори на обвинувањата: Наскоро кадровско екипирање на јавното здравство
„За да критикуваш за вработување на Албанците во државни институции треба да имаш образ. Кога некој имал 22 години мегдан да вработи Албанци во јавното здравство, и кога тоа свесно и со умисла не го сторил за предизборно да манипулира со нивните и гласовите на нивните блиски, е тоа е тешка злоупотреба на човечки судбини за партиски цели“, возврати коалицијата „Вреди“ на обвинувањата на Алијанса за Албанците дека министерот за здравство Арбен Таравари ги оставил здравствените работници без решенија и поради него денеска Албанците се бркаат од работа.
Алијанса во своето соопштение денеска истакнува дека „нелегитимниот министер за здравство Арбен Таравари е главниот виновник што стотици Албанци во различни клиники и болници низ земјава денеска остануваат на улица и им се раскинуваат договорите“.
„Во времето кога Алијансата за Албанците беше во Владата, нашите министри предложија и ја донесоа одлуката за распишување на оглас за повеќе од 1100 вработени во здравството, со која беше предвидено вработените со договор на дело да земаат решенија за трајно вработување. Овој конкурс го процесираше поранешниот министер Илир Демири до последната фаза на тестирање и интервјуа. Со доаѓањето на Таравари на чело на министерството, тој од неговиот кабинет испрати мејл до сите институции да ја стопираат процедурата за спроведување на огласите, додека веднаш почна со разрешување и смена на директори, со цел полесно да се реализира ова сценарио“, обвинува Алијанса на чело со пратеникот Зијадин Села кој е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Опозициската Алијанса за Албанците објави фотографија од дописот до здравствените установи и нагласи дека со оваа одлука како и со онаа за укинување на економските директори и врзаните потписи, „Таравари потврди дека единствена негова мисија е спроведувањето на проектот на моноетничката влада за деалбанизација на здравството“.
Од Коалицијата Вреди како одговор соопштуваат дека министерот за здравство ја утврдува фактичката состојба на сите клиники во врска со бројот на лица без решен работен статус, оставени во наследство од претходната Влада.
„Врз основа на анализите за типот на кадар кој бил ангажиран со години со договор на дело, ќе има трајно решение. Денешните обвинувања се уште еден обид кукавичките јајца оставени од Европскиот фронт да се искористат за креирање меѓуетнички тензии за остварување на целта Албанците да се направат штит за криминалиите на поранешните финкционери на Села и Ахмети. Владата на седница донесе одлука за преиспитување на сите предизборни огласи за вработување, како што многу брзо ќе донесе нова одлука со која ќе се отвори процес на кадровско екипирање на јавното здравство. Ние сме гаранција дека ниту еден Албанец што ги исполнува условите за решение на неопределено време нема да биде дискриминиран заради идеолошки и политички причини, соопшти „Вреди“.