Книжевност за деца: „Мала веројатност“ е роман за растењето и за приврзаноста

Едицијата „Приказни што нѐ обединуваат“ на издавачот „Паблишер“ е збогатена со преводот на книгата „Мала веројатност“ од холандската авторка Марјолајн Хоф. Преводот на македонски јазик е на Ели Пујовска. Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Приказната во книгата ја следи малата Кики, која со тешко срце се збогува со својот татко лекар, кој заминува во уште една војна во некоја далечна земја. Тој се обидува да ја смири потсетувајќи ја на приказната за исплашениот човек. Несреќи би можеле да се случат секогаш и секому, ѝ вели. Глупаво е да се плашиш и да се затвораш дома. Но, Кика никако не успева да се ослободи од стравот. Заталкани куршуми, бомби, болести, автомобилот може да падне во некоја бездна… реди таа, иако мајка ѝ се обидува да ѝ објасни дека е мала веројатноста да се случи такво нешто. А кога по неколкудневно нејавување телефонот ќе заѕвони и ќе им кажат дека тој исчезнал, Кика ќе направи сѐ што е во нејзина моќ да ги намали шансите да остане без татко. Малку тажен, а истовремено духовит, „Мала веројатност“ е необичен роман за растењето и за приврзаноста, љубовта и надежта.

Марјолајн Хоф е холандска писателка, која од 1999 година му се посветила на пишувањето. Досега има објавено дваесетина книги за деца и млади, преведени на 14 јазици. Освен за деца и млади, Марјолајн Хоф пишува драми и поезија и е една од најуспешните холандски меѓународно признати авторки за деца. Меѓу наградите што ги има добиено се и „Златно перо“ и „Златен був“ за книжевност за деца.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 70, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот