Книжевни препораки на летниот фестивал на книгата на „Три“
Издавачкиот центар „Три“ во рамките на летниот книжевен фестивал претстави повеќе книжевни новитети и препораки за читање. За сите што сакаат лето за уживање, но полно со емоции и длабоки приказни, тоа се новите ексклузивни наслови од Брит Бенет и Кристи Лефтери – „Половината што ми недостига“ и „Пчеларот од Алепо“, како и две нови книги од авторки што веќе се популарни меѓу македонските читатели, „Продавница за животни промени“ од Рафаела Жордано и „Ние не требаше да се сретнеме“ од Ањес Мартен-Лиган.
За љубителите на мистеријата препорака е трилерот „Трагачот“ од докажаната авторка во криминалистичкиот жанр, Тана Френч. За оние што сакаат лето за промени, „Три“ го препорачува романот што ја менува перцепцијата за реалноста и историјата, „Пачинко“ од Мин Чин Ли.
Во духот на промените, „Паблишер“ го препорачува своето ново издание, неверојатно забавната и мошне поучна книга за тестирање на сопствените граници на издржливоста – „Да се живее со Navy Seal“ од Џеси Ицлер. Книжевно лето не е лето без класици, а за љубителите на класиката во „Три“ пристигна Шерлок Холмс во светот на криминалците со „Авантурите на Арсен Лупен, крадецот џентлмен“ од Морис Леблан.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 91, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 јули – 2 август 2021)