Книжевната награда „Роман на годината“ ја доби новото дело на Влада Урошевиќ

Влада Урошевиќ

Романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ во издание на „Арс Либрис“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2022 година.

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ бележи уште една успешна реализација на изборот за наградата „Роман на годината“. Триесет и пет романи годинава беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, која во земјава се доделува по 24-ти пат, а одлуката за нејзино доделување ја донесе комисијата, која ја сочинуваа: Симона Јованоска (писателка и минатогодишна лауреатка), Сашо Кокаланов, Гоце Ристовски, Илир Ајдини и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).

Беа одржани четири состаноци, а по трите изборни круга, во финалето за наградата, покрај романот на Урошевиќ, влегоа и: „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски, во издание на „Три“, „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски, во издание на „Или-или“, „Столб што пее“ од Томислав Османли, чиј издавач е „ВиГ Зеница“. Романот на годината за 2022 година беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок.

Добитникот на наградата беше објавен во кафе-книжарницата „Буква“

– Влада Урошевиќ, оживувајќи го архаичниот македонски јазик, во романот ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница. Нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време коешто минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта. Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае сѐ до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите – посочи комисијата.

Добитникот на наградата Влада Урошевиќ во своето обраќање истакна дека го следел доделувањето на наградата во изминатите 24 години, ги прочитал повеќето од наградените романи и смета дека истата ја добиле многубројни извонредно значајни македонски творци со особени и исклучителни дела.

Уште поголемо задоволство што тој е добитник на наградата му претставува фактот што иницијатор на наградата е фондацијата „Славко Јаневски“. Писателот Славко Јаневски, нашиот прв романсиер, Урошевиќ го смета за извонредно значаен автор со кого во текот на животот бил во динамични односи – од жестоки караници до едно големо и вистинско пријателство.

Во однос на својот најнов, сега и награден роман, Урошевиќ објасни дека го пишувал околу две и пол години и вложил големи напори да не застане со темпото, бидејќи при пишување роман, најопасно е писателот да застане и да се двоуми во кој правец да продолжи понатаму. Конкретен поттик за пишување на романот била визијата за една стара куќа покрај Вардар, околу која е сплетена целата приказна.

Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари, а генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје. Наградата ќе биде врачена на свеченост што дополнително ќе биде најавена.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот