Книжевна промоција на „Скопско лето“: Мозаик за душата на градот и духот на скопјани

Романот со наслов „Кутар“ на авторот Милан Н. Порјазов својата промоција ја имаше на 24 јули, на терасата на Музејот на македонската борба, во рамките на „Скопско лето“. Издавач на романот е „Академски печат“, а промотор беше Васил Тоциновски. Делото „Кутар“ е втор роман на Милан Н. Порјазов, дипломиран правник од Скопје.

Веќе со првото негово книжевно дело „Роман за Скопје“, авторот навести дека во новата книга ќе го дополни претходно наредениот мозаик за душата на градот и духот на Скопјани. Во новиот роман авторот грижливо го следи и трајно го меморира блиското минато на градот Скопје, видено низ судбината на единката, од една страна, и општествената димензија на нејзиното опстојување, од друга страна.

Настаните прикажани во романот изобилуваат со динамични и возбудливи пресврти. Преку наративната форма, во која доминира дијалогот, во романот се врзуваат и одврзуваат јазлите во кои се вплеткани Кутар и неговиот татко Матеј. Тоа е време во кое алчноста за моќ и брзо богатење немилосрдно се нафрлува и ги гази човековите морални вредности и го разнебитува дотогаш создаденото општествено богатство. Во такво време – невреме, Кутар е во постојана битка со неправдата, омразата и злобата, но и во потрага по вистинската љубов, која конечно ја наоѓа кај убавата Светлана.

Милан Н. Порјазов е роден, се школувал и целиот свој работен век го поминал во Скопје. Работната кариера ја почнал како новинар во „Нова Македонија“, а заминал во пензија како долгогодишен раководител на Секторот за општествени дејности на Град Скопје.

Покрај двата романа, има објавено публикации поврзани со историјата и животот во неговиот роден град, како „Пресвета Богородица – закрилница на Скопје“, „Скопје и неговата културна агенда“, „Скопје – град на спортот“ и други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот