КНИЖЕВНА ПРОМОЦИЈА: Креативниот процес е најчудесното нешто што може да се случи

Издавачката куќа „Темплум“ на 4 март во МКЦ ја промовираше збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ од Ирена Јурчева, добитничка на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2019 година.

Збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ е прва прозна книга на Ирена Јурчева (1982, Белград), која покрај проза пишува и поезија и веќе ја објавила поетската книга „Таинства“ (2017). Работела и како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје, а досега превела повеќе од 15 книги за различни издавачки куќи во Македонија.

– Наградата „Новите!“ како признание за мојата дебитантска збирка раскази не само што е голема сатисфакција за мене, туку и мотивација и поттик да продолжам и понатаму да пишувам со истиот жар и фокус, особено проза. Горда сум што сум добитник на една од најважните книжевни награди за автор-дебитант, чија цел е да ги промовира новите автори во македонската книжевност, како и новите тенденции и пристапи во литературата – истакна Јурчева за „Културен печат“.

Покрај издавачот Никола Гелевски од „Темплум“, на промоцијата се обратија и промоторите Владимир Мартиновски и Мања Величковска. Како член на комисијата што одлучувала за наградата, Величковска објасни дека одлуката за наградата била донесена многу лесно, имајќи ги предвид расказите на Јурчева, кои опфаќаат повеќе теми и типови на нарација, а во содржината носат моменти карактеристични за нашето време и поднебје.

Промоција на збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ од Ирена Јурчева во МКЦ (Фотографија: Зорив)

Професорот и писател Владимир Мартиновски образложи дека станува збор за слоевита, зрела и обмислена збирка, која содржи 30-ина раскази. Во однос на насловот „Белата е најстрашната боја“ упати на креативниот страв од бел (празен) лист хартија, бело платно, бел екран, но како поента го цитираше Кандински, кој напишал: „Белата боја нема само естетска, туку и духовна димензија“. Расказите на Јурчева се како „метафора за човекот, кој е празен лист врз кој се испишува животот“, заклучи Мартиновски.

– Со приказните и ликовите од расказите живеев цела година, кога ме носеа низ период во кој доживеав многу промени, предизвици и исчекувања. Во таков период верувам дека од мене излезе најавтентичен и најискрен збор. За мене како автор најинтригантен е насловот и сѐ уште трагам низ себеси за да го пронајдам неговиот извор и да се сетам на мигот на неговото вдахновение. Но, во едно нешто сум сигурна, креативниот процес е најчудното и најчудесното нешто што можеше да ми се случи. Да се соочите со бела страница и да ги излеете врз неа сите бои од сопствената душа, да истапите во новото и непознатото, тоа е еден страшен чин – рече Јурчева на промоцијата на книгата.

Раскази од збирката на промоцијата читаше поетесата Катерина Гогова, а во музичкиот дел настапи групата „Калевала“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 21, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 март 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот