Книжевна награда „Пегаз“ за романот „Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков

Добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, што ја организира издавачката куќа „Арс ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, е романот „Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков.

На лауреатот наградата му беше врачена на 6 април на свеченост во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

Романот „Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

На конкурсот пристигнале 44 ракописи, а покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година влегоа „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Жирито што одлучуваше за наградата беше во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), Фросина Пармаковска (писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“). Романот го промовираше уредничката на изданието – Оливера Ќорвезироска.

Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината. Досегашни добитници на наградата се „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук во 2019 година и „Лазарка“ од Љупчо Петрески и „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски во 2020 година. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.

Уредничката во издавачката куќа „Арс ламина“, Бисера Бендевска, која е дел од „Пегаз“ од основањето во 2019 година, истакна:

– „Пегаз“ е млада книжевна награда, што ја востанови издавачката куќа „Арс ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Угледувајќи се на најважната книжевна награда во Македонија со долгогодишна традиција, наградата „Роман на годината“, што Фондацијата „Славко Јаневски“ од 2017 година продолжи да ја доделува по згаснувањето на дневниот весник „Утрински весник“ – инаку нејзин создавач уште од основањето на весникот – „Арс ламина“ препозна можност за своевидно продолжување на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, за што доби поддршка од Фондацијата.

– Улогата на „Пегаз“ е да биде книжевен скаут во потрага по квалитетно прозно писмо, по вредни текстови што не можеле да дојдат до израз, по скриени ракописи што дремат во долапите и да посредува во нивното канализирање до читателите, до критиката и до историографијата на македонската книжевна продукција.

– „Пегаз“ работи на својот имиџ на новопојавен кантар на книжевни вредности, а за досегашниот сериозен впечаток во јавноста, меѓу другото сакаме да ѝ се заблагодариме на Фондацијата „Славко Јаневски“ за нејзината професионална поддршка. Го користам овој свечен собир да го најавам новиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2022 година, што ќе биде објавен наскоро – рече Бендевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот