Книжевен превод на „Кога светлината згаснува“ од Ојген Руге

Нова книга во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“ е романот „Кога светлината згаснува“ на Ојген Руге, за кој во 2011 год. авторот ја добил најпрестижната германска награда „Книга на годината“. Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од мрежата „Традуки“.

Приказната во романот „Кога светлината згаснува“ следи неколку генерации на семејството Умницер во текот на педесет години, а секој член го дава гласот на својата страна од приказната. Прикажано е влијанието на пошироките историски случувања на животот на ова семејство, некогаш дел од комунистичката елита, чијашто социјалистичка утопија со текот на времето почнала да згаснува. Низ четирите генерации Руге ги претставува различните перспективи на животот под различните политички режими и ограничувањата што тие ги наметнуваат.

Оваа просветителска приказна не само што фрла светлина на политичката држава, каква што беше Источна Германија пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, туку и умно ја бележи внатрешната политика на семејниот живот во различни општествени околности. Книжевните критичари се едногласни дека се работи за литерарно ремек-дело.

Авторот Ојген Руге е роден 1954 год. во Сосва (Урал). Студирал математика на универзитетот „Хумболт“, а подоцна работел во Централниот институт за физика. Пред да замине од ГДР на Запад, во 1988 год. работел и во студиото за документарен филм ДЕФА. Од 1989 год. работи за повеќе театри и радиостаници како автор и преведувач.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 80, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот