Книжевен превод на чешки роман за јапонскиот сон

Издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје ја објави книгата „Ќе се разбудам на Шибуја“ од чешката авторка Ана Цима, а во превод на Донка Роус. Книгата е чешки роман за јапонскиот сон.
Кога седумнаесетгодишната Јана доаѓа во сонуваното Токио, посакува тука да остане засекогаш. Брзо се уверува во недогледните последици од таквата желба. Ќе се најде, всушност, затворена во магичен круг во бучниот кварт Шибуја. Додека помладиот лик на Јана талка низ градот, доживува чудни ситуации и бара пат за дома, дваесет и четиригодишната Јана во Прага студира јапонистика, се труди да добие стипендија за Токио и заедно со постариот колега се труди да преведе јапонски расказ.
Судбината на неговиот автор, до неодамна заборавен писател, Кавашита, во развојот на настаните ќе има поголемо влијание, отколку што би очекувале и двете Јани. Читлив и напишан на свеж разговорен јазик, романот првенче на младата јапонистка е посветен на барањето пат кон различната култура, за нееднозначноста на реалниот свет и за деликатноста на исполнетиот сон.
Ана Цима (1991) е чешка јапонистка, преведувачка и писателка. Во моментот во својот сопруг Игор Цима, јапонист, живее во Јапонија и ја проучува повоената јапонска литература. Романот е делумно инспириран од животот на авторката, но не се работи за автобиографско дело, туку повеќе е пример за магичниот реализам, кој е типичен токму за јапонската литература.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)