Книжевен превод: Дела од македонски автори се објавени во Албанија
Реномираната албанска издавачка куќа „Фан Ноли“ од Тирана деновиве ги објави преводите на книгите „Човечулец“ на Александар Прокопиев и „Храпешко“ на Ермис Лафазановски.
„Ова е уште една потврда за успешниот преведувачки поход на овие дела низ светот, со досега десетина преводи на балкански и светски јазици“, посочуваат од „Прозарт медија“.
Книгата „Човечулец: Бајки од левиот џеб“ оригинално е издадена од „Магор“ во 2011 година, а во 2012 година ја доби книжевната награда „Балканика“. Преводот на албански го направи Џими Лазри. „Човечулец“ е веќе објавена и на англиски, српски, полски, турски, хрватски, арапски јазик и др.
Романот „Храпешко“ на Ермис Лафазановски беше претставник на Македонија за наградата „Балканика“ во 2006 година, а веќе е преведен на хрватски, словенечки, српски и на француски јазик. Преводот на албански јазик го направи Џемиле Зукај.
Минатата година во издание на „Фан Ноли“ излезе и романот „Неверство“ на Дејан Трајкоски. Вториот роман на Трајкоски е објавен во 2014 година, а досега е преведен на англиски, ерменски, арапски јазик, српски и на бугарски јазик.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 113, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23 јануари 2022)