Книгата „Деконструкција на празнината“ од Даниела Андоновска-Трајковска ќе има промоција во КИЦ

Во Културно-информативниот центар – Скопје на 30 ноември, во 12 часот, ќе биде промовирана книгата „Деконструкција на празнината“ од Даниела Андоновска-Трајковска, во издание на Центарот за култура и културолошки студии. Промотори се Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски.

Во книгата се застапени 57 раскази, поделени во седум циклуси: „Деконструкција на танатосот“, „Деконструкција на празнината“, „Деконструкција на дијалогот“, „Деконструкција на домот“, „Деконструкција на живиот текст“, „Деконструкција на поезијата“ и „Деконструкција на поезисот“.

Како што ќе одбележи Борче Панов во поговорот на книгата, „Даниела Андоновска-Трајковска жестоко ја напаѓа празнината од сите агли и дискурсите на еросот, танатосот и поезисот како врховен генезис на една животна драма. Таа ја поставува празнината како распетие на антиматеријата која практично не е празнина, туку густа исполнетост. Токму поради тоа нејзините записи во оваа книга повеќе наликуваат на епистоларен дневничен композит со шармот на интима, на кореспондеција со најдлабокото во самата себе. И токму тука се случува метаморфозата на овој лирски прозен феномен со кој практично се случува промената и деконструкцијата на празнината“.

Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, Битолскиот книжевен круг (БКК) и Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандата била претседател на Уредувачкиот совет.

Главен уредник е на книжевните списанија „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД). Има објавено над 100 научни трудови, девет книги поезија, книга со раскази, коавторска поетска книга на англиски јазик во Индија, книга на арапски јазик објавена во Обединетите Арапски Емирати, коавторска песнарка за деца, две меѓународни публикации од областа на образованието и еден универзитетски учебник.

Преведена е на над 40 јазици и добитник е на неколку книжевни награди, меѓу кои: „Празник на липите“ (ДПМ, 2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019), „Караманов 2019“ за поезија, Македонска книжевна авангарда (2020), „Abduvali Qutbiddin“ (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale „Tulliola-Renato Filippelli“ (Италија, 2021), „Città Del Galateo – Antonio De Ferrariis“ (Италија, 2021) и „Ацо Шопов“ за „Математичка поезија“ (ДПМ, 2020).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот