Книгата „Бог на ба(к)терии“ од поетот Митко Гогов ќе има промоција во КИЦ-Скопје

Насловна корица на книгата во издание на „Макавеј“

Во Културно-информативниот центар – Скопје, со поддршка на Град Скопје, на 1 октомври 2024 година, во 19:19 часот, во Салон „Империјал 2“, ќе се одржи промоцијата на книгата „Бог на ба(к)терии“ од поетот Митко Гогов во издание на издавачката куќа „Макавеј“. Книгата ќе ја промовираат Зоран Анчевски и Бранко Цветкоски.

– Новата поетска збирка на веќе докажаниот современ македонски поет Митко Гогов, иако е релативно куса (33 песни), таа импонира со својата езгровитост, прецизност и мудрост, како што впрочем доликува на секоја куса поетска композиција што во себе содржи куси, „брзопотезни“, но брилијантни поетски вињетки. Секој што се пробал да експериментира во доменот на поетскиот израз сфатил дека горенаведените белези карактеристични за ова дело на Гогов се најтешко остварливи и дека за тоа се неопходни долги години опит и чиракување во работилницата на Поетскиот Збор. Оваа збирка е доказ дека Гогов не само што го минал тој пат, туку со видлива сигурност и зрелост мајсторски зачекорил во еден нов творечки предел полн со замки, примки и пусии во кои лесно би паднал жртва секој неопитник во поетската уметност – напиша Зоран Анчевски во рецензијата за книгата.

Авторот Митко Гогов е роден на 11 ноември 1983 година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга, кои ги објавува повремено во микроблогосферата (twitter).

Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипини, Кина, Тајван, Египет, САД, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија…

Автор е на стихозбирките „Ледена вода“ (2011) и „Скриено писмо“ (2019), издадени преку издавачката куќа „Антолог“ и на збирката „Линијар. Бројки“, издание на „Макавеј“ од Скопје.

Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата, наградата „Анџело Ла Векија“ во Сицилија, Италија, наградите на „Поетски литературни искри“ во Гостивар, „Поетски слем“ во Прилеп, „Струшки бранувања“ во Струга, Македонска книжевна авангарда 2020 година и многу други.

Претседател е на здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, организатор на глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Македонија, претставник на Светската унија на поети и Школата за поезија – Делегација Македонија, еден од основачите е на наградите „Антево слово“ и „Антево перо“.

Како концептуален уметник Гогов има неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија… Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер е, секогаш отворен за комуникација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот