Клучни фактори за справување со загадувањето: Повеќе инспектори и зголемени казни за загадувачите

Поголем број на инспектори на ниво на општини, на Град Скопје и во Инспекторатот за животната средина, нивна соработка со невладиниот сектор и медиумите и зголемена транспарентност, вклученост на граѓаните во пријавување на одредени загадувачи и зголемени казни за загадувачите се најважните компоненти кои се потребни за решавање на проблемот со загадувањето на животната средина.

Ова беше заклучено на денешната конференција „Како до ефикасен инспекциски надзор против загадувањето?” спроведена од „Зелениот институт“, во соработка со „Биро де Хелинг“ од Холандија.

Лилјана Поповска од ДОМ на конференцијата посочи дека покрај координацијата на инспекциите за животна средина на државно и на локално ниво, потребно е да се зголеми и бројот на инспектори за најмалку десет пати. Тие, како што рече, треба да бидат добро обучени, да имаат различни стручни профили како на пример хемиски инженери, технолози, градежни инженери, хидроинженери, правници за толкување на законите, биолози за заштита на животната средина..

Таа додаде дека ни требаат и доволно акредитирани лаборатории. Според неа, треба да постојат најмалку десет пати повеќе акридитирани и добро опремени лаборатории со јасни мерни инструменти за многу поширока палета на загадувачи отколку што е тоа сега, бидејќи како што посочи, не се загадувачи само пет, шест супстанци кои се мерат кај нас, ги има повеќе.

Поповска посочи дека треба да се направи и јасна листа на дозволени горива и листа на забранети горива, затоа што горивата се најголемите загадувачи во индустријата и во домаќинствата.

Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на ДОМ во обраќање на конференцијата рече дека првенствено треба да се зголеми бројот на локални инспектори, на ниво на општини, на ниво на Град Скопје, но, исто така, и во Државниот инспекторат за животна средина.

– Загадувањето на животната средина е навистина многу комплексен проблем и една од алатките, можеби меѓу клучните во справување со загадувањето е инспекцискиот надзор. Ние како зелена партија многу одамна го отворивме овој проблем и работиме континуирано на подобрување на законската регулатива и на зголемено буџетирање на овие институции кои се и на локално ниво но и на државно ниво одговорни за вршење на инспекциски надзори, и се согласувам дека на повеќе нивоа е потребно подобрување на инспекцискиот надзор, рече Морачанин.

Таа додаде дека се важни и редовни обуки на инспекторите, бидејќи како што рече, во изминатиот период се увиде дека инспекторите немаат доволно познавања како ефикасно да го спроведуваат инспекцискиот надзор. Клучно е според неа, и зголемената транспарентност на овие инспекторати.

Потребно е, според Морачанин, и поголема вклученост на граѓанските оргазизации.

– Вклученост на граѓаните во пријавување на одредени загадувачи, таму каде што мислат дека има нарушување на животната средина, надминување на гранични вредности, да можат поефикасно да го пријавуваат загадувачот и последователно да ги добиваат и одговорите од своите барања за контрола, посочи таа.

Клучно е, додаде Морачанин, да се акредитира државната централна лабораторија за да може да се овозможи инспекторите да имаат можност за мерењата што тие ги вршат бидат проверувани и обработувани во државна централна акредитирана лабораторија. Во моментот како што рече е возможно овие мерења и анализи да се вршат само приватни акредитирани лаборатории.

Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“ на конференцијата посочи дека и законска регулатива и нејзина имплементација на теренот е исто така многу битна за да имаме некои резултати во поглед на намалување на загадувањето.

Таа рече дека има законски пречки и недоречености во законите. Законите, според неа, треба да бидат пишувани за обичниот човек да може да разбере, а не секогаш да се бара правно толкување.

Татјана Чакулев од „О2 Коалиција“ рече дека казните за загадувачите самите по себе се ниски.

– Максимални казни во областа на животна средина, освен во законот за животна средина каде највисоката е 100.000 евра. Кај другите закони највисоката е најчесто е 20.000 евра, закон за води, за заштита на природа за квалитет на амбиетниот воздух, за управување со отпад, само во некои случаи има до 30.000 или 35.000 евра. Токму поради делот што е за порамнување и спогодување, сумите кои најчесто кај големите загадувачи како што е рудникот Саса, нивниот дневен профит е поголем од глобата, па и да им ја изреченете највисоката казна која е 100.000 евра, тоа за нив не значи ништо. Овие казни мора да се многу повисоки, додаде Чакулев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот