Клучен збор во емотивниот излив на Димитров е „јас чувствувам“

Прочитав еден спонтан, со силни афективни акценти ФБ-пост на г. Никола Димитров, потпретседател во Владата на г. Зоран Заев. Г. Димитров соопштува потресни детали од сведоштво на млад лекар. Според описот на г. Димитров од неговиот ФБ-пост, тој млад лекар, заедно со неговиот шофер, цели пет часа се пробивал низ завеани „козји патеки“, за да дојде до место на кое можело да им се укаже неопходна медицинска помош на повреден овчар и на неговата 90-годишна мајка. Тој млад лекар и неговиот шофер биле принудени на тие, во секој поглед, минимум-изгледни напори откако сите апели до надлежните институции (Штаб за кризни ситуации, Противпожарна служба, Општина и др.) оцениле дека се – ненадлежни.

Селективна солидарност

По тој впечатлив опис на подвигот на младиот лекар и неговиот шофер, потпретседателот Димитров изјавува дека бил „фрапиран“ од „ноншалантноста“ на државните институции кои, по обичај, се прогласиле за ненадлежни. На тој начин сите тие институции што таксативно ги набројува потпретседателот г. Димитров и дале, практично, институционална форма на – ненадлежноста. И не само тоа. Токму таа формализирана ненадлежност ја потиснала надлежноста на сите државни институции кои сега постојат не за да вршат некои работи („сè за граѓаните!“, како што често вели еден друг потпретседател во Владата на г. Заев, г. Љ. Николовски), туку заради – себеси.

Поинаку речено, тие не се веќе механизми (средства) на државната власт туку цел за себеси. По истиот начин по кој и актуелната власт не е средство туку цел за – себеси. А пак кога една власт се претвора од средство во цел, тогаш и она „сè за граѓаните“ се претвора во „сè за себеси“. Во такви околности е многу логично да се најде државен хеликоптер, кој ќе доведе премиер со министер за здравство во Прилеп, но не и за млад лекар што бара институционална помош за повреден овчар и неговата изнемоштена мајка. Веројатно таа мисла стои во заднината и на смелата изјавата на потпретседателот Димитров, коjа вели дека „во државава треба да се забрани фразата: не сме надлежни“.

По таа смела изјава што звучи не помалку потресно од описот на подвигот на млад лекар и неговиот шофер, потпретседателот Димитров го отвора своето срце и, речиси, во еден здив ја потсетува Владата во која и самиот фигурира (секако и нејзините ненадлежни „средства“ – институции) на следново: „Јас како носител на јавна должност, јас како граѓанин, јас како човек… јас самиот чувствувам одговорност за оваа поразителна слика“; „сите ние сме должни да се бориме да се постават правила, принципи и стандарди“. Кажува ли, со тоа, г. Димитров дека сега не постојат „правила, принципи, стандарди?“

Клучен збор/синтагма во тој, очигледно, емотивен излив на угледниот владин функционер г. Димитров е „јас чувствувам“. Јас воопшто не се сомневам во тоа дека потпретседателот Н. Димитров, токму како и оној млад лекар со неговиот шофер кои спасувале повреден овчар со неговата изнемоштена мајка „чувствува одговорност“ за ближниот свој или „другиот,“ како што обично се вели денес. Друго име за тоа чувство е „солидарноста“, а пак таа е, како што е добро познато, мошне селективна. Како? Сите ние повеќе ги сакаме своите блиски и пријатели, помалку оние од нашето соседство или мало и… најмалку оние од нашиот народ или нација. Токму таа особеност на т.н. солидарност објаснува зошто работи добро, на пример, кај млад лекар и шофер кој бил во непосреден контакт со повреден човек и неговата мајка, а не работи не само добро (неретко и воопшто!) кај државни институции што немаат таков жив, непосреден контакт со некој повреден овчар и неговата мајка.

Морално алиби

Како, меѓутоа, да се увериме дека потпретседателот Димитров ја зборува вистината кога вели дека „чувствува одговорност?“ Како да се увериме дека не бара само некој вид морално алиби (амнестија) за себеси во околности кога сите надлежни институции како механизми на Владата се прогласиле себеси за – „ненадлежни?“ Оти само од себе се разбира дека ниту може, а ниту пак смее да се амнестира од одговорност влада кога се соочува со поразителен факт дека нејзините две раце (институциите) се – парализирани.

Нема друг начин освен оној што го сторил оној млад лекар со неговиот шофер, кој спасувал повреден овчар со неговата 90-годишна мајка. Тој покажал дека „чувствува одговорност“ (професионална и човечка) кога своето „чувство“ го претворил во „дело“/акција. Со еден збор, делото/акција (прави!) е главниот, прв доказ кој му дава „реалитет“ на кое било чувство, па така и на чувството „одговорност“. А тоа значи: потпретседателот Димитров е должен (морал) не само да „чувствува одговорност како јавна личност и човек“, туку и да стори нешто многу конкретно во околностите што ги опиша. Ни повеќе ни помалку од оној млад лекар и неговиот шофер за кои потресно зборува во својот ФБ-пост. А што, тој подобро знае од мене и јас нема да го потсетувам тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот