
Клубовите за забава не смеат да работат во деловна просторија во колективна зграда
Во овие седум години се издадени лиценци за дури 33 дискоклубови на отворено, а најмногу во 2022 година – осум. Во 2020 година не била издадена ниту една лиценца за дискоклуб, а Регистарот на МЕТ покажува дека најголемиот дел од угостителите во овој период се регистрирале како кабареа
Од 2017 до 2024 година Министерството за економија и труд издало 195 лиценци за ноќни барови, кабареа, дискоклубови и дискоклубови на отворено, покажува нивниот Регистар. Податоците откриваат уште и дека во овие седум години се издадени лиценци за дури 33 дискоклуба на отворено, а најмногу во 2022 година – осум. Во 2020 година не била издадена ниту една лиценца за дискоклуб, а Регистарот покажува дека најголемиот дел од угостителите во овој период се регистрирале како кабареа.
Препорачано
Другиот Регистар на МЕТ открива дека во периодот од 2018 до 2023 година биле одбиени дури 34 барања на компании што сакале да влезат во овој угостителски сегмент, најголемиот дел за кабареа, а само едно за дискотека на отворено. Лиценците се обновуваат секоја година. Според Законот за угостителска дејност, за да отворите кабаре – треба да искеширате од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност, лиценцата за ноќен бар чини од 5.000 до 7.000 евра, за дискоклуб – 7.000 евра. Лиценцата за отворена летна дискотека е најскапа – 10.000 евра, иако нивната сезона е ограничена на три месеци. Според цените, најголемиот дел од угостителите се решаваат да земат лиценца за кабаре, која е најевтина.
Дискотеката „Пулс“ во Кочани во која се случи невидена трагедија, добила лиценца во 2022 година, за која е утврдено дека е фалсификат. За потсетување, пред триесетина години во 1994 година, во Скопје се случи пожар во дискотеката на „Силекс“, каде што беше фрлена димна бомба, а во стампедото што се случи потоа имаше многу повредени, а загина едно малолетно девојче. Пред 24 години се случи пожар во дискотеката „Индиго“ во Софија, кога загинаа 7 деца, а 12 настрадаа.
– Според Законот за угостителска дејност, лиценците за дискоклуб, дискоклуб на отворено, кабаре и ноќен клуб се со важност од една година и се издаваат врз основа на приложена документација и уплатен надоместок, во согласност со општинските и одлуките на Град Скопје. Доколку угостителскиот објект не ги исполнува минимално техничките услови и условите за јавен ред, мир и сообраќај (за кои доставува известување од МВР и до Државниот пазарен инспекторат) и доказ за платен надоместок, му се издава лиценца во рок од 15 дена. Во случај да има негативно мислење од МВР (поради нарушување на јавниот ред и мир) или од ДПИ за неисполнување на МТУ, неговото барање се одбива – објаснија од Министерството за економија и труд за „Слободен печат“.
Законот пропишува дека не смеете да отворите ноќен бар, кабаре или дискоклуб во деловна просторија што се наоѓа во колективна станбена зграда. Висината на надоместокот за лиценците ги определуваат советите на општините и Советот на Градот Скопје. Половината од сумите за лиценци одат за општините, а другата половина легнува на сметката на државниот буџет. Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца, го потсетува носителот на лиценцата за периодот на нејзината важност.
– Ноќните барови и кабареата може да работат од 20 часот до 4 часот наредниот ден, во петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 20 часот до 5 часот наредниот ден, а на 31 декември до 20 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 6 часот наредниот ден. Дискоклубовите, без разлика дали се затворени или на отворен простор, може да работат од 19 до 4 часот наредниот ден, во петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 19 часот до 5 часот наредниот ден, а на 31 декември до 19 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 6 часот наредниот ден – пишува во Законот за угостителска дејност.
Во угостителските објекти ќе нема организирани прослави со музика
Угостителските објекти ќе продолжат со својата работа во деновите на седумдневната жалост за жртвите од трагедијата во Кочани, но без организирани прослави со жива музика, играње, односно настапи на изведувачи и концерти, дознава „Слободен печат“.
– Ова не е прва ваква ситуација со која се справуваме, така што знаеме што е ред и почит – брифираат дел од угостителите.
А, бидејќи сме во време на пости, нема и закажани свадби.
Експертите со кои разговаравме, посочуваат дека рестораните за свадби имаат поголема квадратура од дискотеките и се сертифицирани според сите безбедносни стандарди. Тоа значи дека располагаат со противпожарни апарати, хидранти, два економски влезови затоа што се одговорни за неколку стотици луѓе што присуствуваат на тие забави. И во однос на употребата на пиротехничките материјали, експертите велат дека тоа е уредено за закон, а Министерството за внатрешни работи секоја година ги собира угостителите на контролен разговор на кој се дискутира за овие правила, заедно со лиценцираните фирми што имаат дозвола за употреба на ваквите материјали на свеченостите и прославите.
– Секој изведувач што употребува пиротехнички материјали, мора за тоа да добие дозвола од МВР и тоа мора да се почитува – додаваат експертите.